Ватикан ја претстави својата најнова апликација „Кликни за молитва“, која на корисниците им нуди унапредени можности за молитва. Седуммина официјални претставници на црквата, вклучувајќи и кардинали, учествуваа на неодамнешната конференција на која беше претставена „Кликни за молитва 2.0“, што претставува прво големо ажурирање на апликацијата создадена во 2016 година, објави агенцијата Ројтерс.
– Молитвата не е губење време, како што мислиме понекогаш. Таа е како семе засадено во земја што ќе ги покаже своите плодови кога ќе дојде време за тоа – изјави отецот Федерик Форнос.
Апликацијата е достапна на шест западни јазици и на кинески, а на корисниците им дава посебни опции, со чија помош можат да се молат заедно со папата Франциск.
Ватикан го зголеми своето присуство на социјалните мрежи, а официјалните претставници велат дека објавата на папата во врска со оваа новина на Твитер ја виделе над 50 милиони луѓе. Секретарот на Одделението за комуникации на Ватикан, Луцио Руиз, изјави дека објавувањето на апликацијата не е со цел со неа да се поништи другиот вид молитва, туку само начин да се допре до што повеќе луѓе.