МРТ одлучи

Васил Гарванлиев ќе биде македонски претставник на „Евровизија 2021“, што во мај, ќе се одржи во Ротердам, Холандија. Така одлучи Комисијата за утврдување одговорност во Македонска радио телевизија, по реакциите на јавноста предизвикани од видео спотот на годинашниот македонски претставник за „Избор на песна на Евровизија“ за песната „Here I Stand“ и од изјавите на Васил дадени за странски медиум.

Евровизискиот тим најпрво веста ја соопшти на социјалната мрежа Твитер вчеравечер на англиски јазик, со зборовите: „Музиката победи! Васил во мај ќе ја изведе „Here I Stand“ во Ротердам! Им благодариме на сите што го поддржаа тимот на Васил во текот на изминатите денови во кои ситуацијата беше неизвесна“.

Во соопштрението на МРТ, меѓудругото се вели дека одлуката е донесена по добиеното известување од работната група која што работи на проектот „Евросонг 2021“, чии членови на 19 март одржале состанок.

„Случајот“ во јавноста настана по објавувањето на спотот, поради два кадра коишто беа протолкувани како спорни. Според извештајот на работната група, станува збор за поинаква перцепција, поради која уметничкото дело на Жанета Вангели коешто се наоѓа во тие две скевенци, предизвика асоцијација на знаме на туѓа држава. По реакциите од јавноста, спотот беше повлечен и преработен. Тоа значи дека работната група веднаш реагираше и спречи дополнително нарушување на кредибилитетот на МРТ.

Во врска со вториот контроверзен момент, изјавите на Гарванлиев дека имал двојно државјанство, работната група посочува дека станува збор за дел од интервју дадено пред повеќе од една година коешто сега доби публицитет, дека согласно со правилата на ЕБУ – Јавниот сервис нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој „Евросонг“ има такви случаи“ – се наведува во соопштението.

Инаку, според наведеното, изборот, Васил Гарванлиев да биде претставник на „Евросонг 2021“ е резултат на континуитет во изборот за претставник на оваа престижна манифестација, минатата година за што е организирана дебата, на која учествуваа композитори, пејачи, новинари, автори…

Исто така е посочено дека Комисијата обрнала посебно внимание и го цени укажувањето на шефицата на делегацијата, Мери Попова во извештајот, дека евентуалното откажување од настап на „Евросонг“ би предизвикало финансиски и други импликации по МРТ и драстично би го нарушило угледот и на Јавниот сервис и на државата во меѓународни рамки.

– Сепак, имајќи го предвид сето ова, а особено поларизираноста во нашето општество, Комисијата предлага во иднина сериозно да се преиспита учеството на Јавниот сервис на меѓународни културни манифестации – се вели во соопштението на МРТ по скандалот во јавноста, во врска со спотот и спорното интервју на Гарванлиев за странски медиум.

Сега, како што велат Васил Гарванлиев и целиот тим ќе се насочат на подготовките за настапот на евровизиската сцена. М.Т.