Македонскиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев денеска ја одржа втората проба на сцената на арената „Ахој“ во Ротердам, Холандија, и беше уште посигурен и поуспешен во изведбата на песната „Here I Stand“, со која ќе ја претставува нашата земја на првата полуфинална вечер, на 18 мај.

Меѓу бројните реакции и комплиментите што ги доби се и овие: „Васил е амбасадор на љубовта“, „од тебе многу ќе научиме“, „достоен за евровизиската сцена“….

За неговиот изглед, креација на модниот дизјанер Раде Василев, се вели дека е елегантен и класичен, а настапот минималистички, но сцената се чувствува дека е полна од присуството на Васил и неговиот моќен глас и начинот на кој ги изразува своите емоции во песната.

На денешната втора прес-конференција, која исто така наиде на голем интерес кај претставниците на седмата сила, кои известуваат од „Евровизија 2021“ во живо, но и оние кои ја следат онлајн, Васил откри дека негвото учество на овој престижен фестивал е исполнуавње на сонот од детството.

Тој рече дека по успехот на Тамара Тодевска во 2019. година, чувствува огромна одговорност, но воедно и ужива во предизвикот. Како предност го смета тоа што беше дел од тимот кој таа година постигна историски успех, како придружен вокал на Тамара во Тел Авив, Израел.

За песната „Here I Stand“, чиј автор е тој, а во аранжирањето и оркестрацијата се вклучија Борче Кузмановски и Давор Јордановски, изјави дека е инспирирана од неговиот живот и ги слави успесите и достигнувањата што ги постигнал.

– Ова е песна која ги обединува сите и со која секој може да се поврзе затоа што сите минуваме низ многу премрежија во животот, особено периодов, но доаѓа момент да си признаеме за грешките, но и да се гордееме со постигнатите успеси – изјави Васил на денешната прес-конференција.

Домаќинот на прес-конференцијата истакна дека техничката комплексност на песната, а Гарванлиев се надоврза дека таа расте секој миг и завршува со големо финале.

– Единствениот дел каде што не пејам се оние дванаесет секунди кога пејат придружните вокали. Тоа е песна која се надградува, почнува бавно, станува многу голема, па тивка и за крај – големиот финиш. Има многу технички елементи. Самата изведба е многу сложена, заедно со ефектите кои ги видовте – дополни тој.

Сепак тој, како перфекционист, се уште не е максимално задоволен од изведбата и се надева дека до 18 мај клучните елементи на настапот ќе бидат усовршени.

На неколкуте прашања за функцијата на огледалата на неговата облека, со што се постигнува голем ефект, тој изјави дека всушност пораката е темнината во нас и околу нас да се претвори во светлина.

Гарванлиев дополни дека режисерката Тине Матулеси била инспирирана од кинтсукурој, јапонска техника со која скршениот порцелан се лепи со злато.

Инаку, во сите интервјуа и изјави, како и со целокупниот настап во Ротердам, Васил ја воодушевува европската јавност со својата искреност, сталоженост, фокусираност, темелна посветеност на работата, елековентност и секако извонредниот англиски јазик. М.Т.