Шоуто ќе приреди и многу изненадувања за евровизиските обожаватели, кои може да се вклучат во формирањето на големиот евровизиски хор, кој од сите страни на светот ќе ја изведе песната на Џони Логан „What another year“, со која тој победи на „Евровизија 1980“ во Хаг, Холандија

По конечното откажување на 65-то јубилејно издание на изборот за „Песна на Евровизија“, Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и нејзините партнери од: Холандија, НПО, НОС и АВРОТРОС се заложија за организирање и продуцирање ново алтернативно шоу со наслов: „Евровизија: Заблескај Европо“, кое ќе се емитува во живо на 16 мај со почеток во 21 часот, претходно потврден термин за одржување на евровизиското финале.
Специјалното телевизиско шоу нема да има натпреварувачки карактер, но ќе им оддаде значајно признание на сите песни и учесници од 41 земја, колку што требаше да учествуваат на годинашната „Евровизија“. Веќе селектираните песни ќе бидат емитувани само во фрагменти, учесниците ќе бидат претставени низ најразлични снимени видеопораки и материјали, но ќе ги видиме и ќе ги слушнеме и обединети од различни локации низ Европа низ стиховите на познатиот евровизиски хит на Катарина и „Д вејвс“, „Love shine a light“, победничка песна на „Евровизија“ во 1997 година.

– Сакаме да направиме шоу што нема да им оддаде признание само на уметниците од 41 земја, кои требаше да настапат во Ротердам, туку и телевизиска програма што ќе ги инспирира и ќе ги поврзе луѓето низ Европа и во овие изолирани и тешки времиња. Ќе им оддадеме почит на сите што се погодени од коронавирусот, но и на оние што работат деноноќно во борбата против него – изјави извршниот продуцент на шоуто Зитце Бекер.
Шоуто ќе приреди и многу изненадувања за евровизиските обожаватели, кои може да се вклучат во формирањето на големиот евровизиски хор, кој од сите страни на светот ќе ја изведе песната на Џони Логан „What another year“.

Со оваа мелодија Џони Логан победи на „Евровизија 1980“, која тогаш се одржа во Хаг, Холандија.
Инаку, водители на шоуто ќе бидат презентерите: Шантал Јансен, Едсилиа Ромблеј и Јан Смит, кои требаше да бидат домаќини на „Евровизија 2020“, а најпознатата интернет-ѕвезда од Холандија, која на социјалните мрежи се претставува под името Никитуториалс, исто така, ќе направи интересни содржини за шоуто во форма на онлајн-интервјуа со изведувачите.

– Шоуто ќе трае два часа, а ќе биде пренесувано од 46 национални сервиси, меѓу кои и Македонската радио-телевизија. Нашиот претставник Васил Гарванлиев со песната „You“ ќе биде дел од овој мегаспектакл – вели Александра Јовановска, пиар на македонската евровизиска делегација.
Васил се надева дека „You“ ќе го најде патот до слушателите.
– Песната ја доживувам како покана да се поврземе, да ги славиме живoтот и сегашниот миг, без разлика што и да ни се случува во моментот. Сведоци сме дека не живееме во идеално време, но постојат магични моменти, кои поминуваат без да ги забележиме и залудно ги трошиме.

Длабоко верувам дека сѐ започнува од нас и дека ние сме првиот чекор, кој за другите може да значи инспирација и почеток на нова приказна – вели Гарванлиев, кој е еден од ретките учесници што реализира и интересна разгледница во Ротердам.
Музиката за евровизиската тема ја напиша Невена Нешкоска, македонска композиторка и продуцентка што работи и живее во Чикаго.