„Патувам, патувам, со празен ранец – полна душа…“ пее Васил Гарванлиев во својата најнова песна „Патувам“ за која е снимен и интересен видеозапис.
Овој најнов проект на Гарванлиев е реализиран во соработка со Давор Јордановски, македонски музичар, композитор и продуцент што живее и твори во Торонто, Канада, Тања Брковска, која го напиша текстот, додека, пак, за видеозаписот повторно се погрижи екипата од претходните проекти: Ѓорѓи Вацев – камера и постпродукција, за кореографијата беше задолжен Иван Ангелковски, а креативен директор е Јелмаз Дервиши.

– „Патувам“ за мене претставува средба и сеќавање со љубопитното дете во сите нас, кое со душа чека да му се отвори вратата за да погледне во еден поубав и посветол свет. Овој проект е голем чекор напред на мојата патека што потврдува дека кога имаме искрена желба, љубов и приказна со вистински тим секогаш ќе најдеме и вистински начин за изразување. Сите заедно и во сите бои, со спонтана енергија, мислам дека создадовме уште една поп-приказна на која сум особено горд. И да, патувам каде што јавето е исполнет сон – вели Васил Гарванлиев за својот најнов музички производ.

Звукот на песната со својата труба го збогати Кеми Асанов, а во улога на придружни вокали беа: Александра Јанева, Ѓорѓи Вацев и самиот Васил. Во танчарските точки на видеозаписот се појавуваат: Јована Зајкова. Сара Цветковска, Даниел Коцев и Дардан Селани, додека патувачи со Васил се членовите на групата „Фекотри грл“, Анат Стефан, Вера Вендета. Кореографијата е на Ивана Ангелковска. За визуелниот впечаток беше задолжен и стилистот Арменд Рамадани.