Новата студија од „мани.ко.ук“ за утврдување на најздравите градови во светот ја рангира Канбера, Австралија, како една од најздравите дестинации врз основа на нивните широки критериуми. Анализирајќи шест основни фактори што придонесуваат за здрав начин на живот, вклучувајќи ги нивото на дебелина, очекуваниот животен век, трошоците да се биде здрав, нивото на загадување, безбедноста и часовите со сончева светлина, три австралиски градови се најдоа на листата во првите 20.
Бризбејн го освои 19-то место, Аделаида на 11-то место и Канбера 5-то место. Главниот град на Австралија може да се пофали со ниската стапка на криминал и пристапот до еден од најприфатливите и безбедни здравствени системи во светот.
Во однос на вкупната ранг-листа на земји, Австралија забележува пад на 27-то место според индексот на најздравите земји, според „мани.ко.ук“. Највисоките оцени за квалитетот на воздухот и очекуваниот животен век (Австралијците живеат во просек до 82 година) ѝ обезбедуваат место во првите 30.

На 20-то место е Копенхаген, Данска. Надвор од Австралија, градовите како Порто, Токио, Цирих, Тел Авив и Хелсинки се пробија на списокот. Хелсинки (кој се наоѓа на 17-то место на индексот) може да се пофали со најчистиот воздух во светот благодарение на строгите еколошки регулативи: ветување дека нивото на јаглерод ќе биде нула до 2035 година и ќе донесе закон за крај на употребата на фосилни горива до 2029 година. Цирих, еден од најбезбедните градови, исто така, го има вториот највисок животен век во светот, адут својствен само за јапонските градови.
Јапонија е дом на најстарата личност во светот (118-годишниот Кејн Танака, роден на 2 јануари 1903 година). Токио го освои седмото место. Комбинацијата на диета богата со протеини, пешачењето, едни од најдобрите јавни превози во светот и колективниот избор на готвената храна (над брзата храна), придонесуваат здравите навики на земјата да резултираат со подолг век на живот.

Но кој е најздравиот град во светот?
Највисокото место му припаѓа на град што се наоѓа во, природно, најздравата земја во светот: Шпанија. Таму климата е идеална (не е премногу жешко, не е премногу студено), многу витамин Д, морски воздух и медитеранска диета богата со омега-3, масти, протеини и фокус на одењето создаваат добро балансиран начин на живот.
Шпанците живеат според мотото „работиме за да живееме, не живееме за да работиме“. Оттука се чини сосема заслужено што Шпанија успеа да ги заземе првото и второто место на листата на најздравите градови во светот.
Валенсија е на прво место, по неа следуваат Мадрид, Лисабон, Виена, Канбера, Тел Авив, Токио, Хаг, Љубљана, Цирих, Аделаида, Хаифа, Порто, Рејкјавик, Темишвар, Клуж-Напока, Хелсинки, Бурса, Бризбејн и Копенхаген на 20-то место.