Вакцини против коронавирус, ковид-пасоши и лажни негативни тестови се продаваат преку „дарк веб“.
Доза од вакцините на „Астра Зенека“, „Спутник“, „Синофарм“ и „Џонсон и Џонсон“ се продава од 500 до 750 долари, додека лажните сертификати за вакцинација или ковид-пасоши може да се купат за 150 долари.
„Дарк веб“, или познато како дигитално подземје, е дел од интернетот, кој е достапен само преку одредени алатки на прелистувачот. Истражувачите од компанијата „Чек поинт“ следеле хакерски форуми и други продажни места од јануари, кога се појавија вакцините. Тие тврдат дека бројот на реклами поврзани со вакцините е тројно зголемен, на повеќе од 1.200.
Продавачите на вакцини се наоѓаат во САД, Шпанија, Германија, Франција и во Русија, а истражувачите откриле дека огласите биле објавени на руски и англиски јазик.
Меѓу вакцините што се продаваат се оние на „Астра Зенека“, кои чинат 500 долари, вакцините на „Џонсон и Џонсон“ и „Спутник“ чинат 600 долари, додека вакцината на „Синофарм“ чини 750 долари. Еден од продавачите дури ветува испорака за само еден ден.
Се нудат и лажни негативни тестови, а со купување на два теста, третиот се добива бесплатно. Исто така е можно да се набави и ковид-пасош.