На половина пат помеѓу Истанбул и Анкара се наоѓа долина покриена со борови шуми, а има и неколку термални извори. Тука е и напуштениот град Бурџ Ал Бабас, кој потсетува на оние од цртаните филмови на Дизни.
Бурџ Ал Бабас е пример за тоа како луксузен проект може да пропадне под влијание на лошото управување и глобалните финансиски текови. Патиштата не се завршени, а градежниот материјал сѐ уште стои. Градот требаше да биде населен со богати арапски клиенти. Се планираше изградба на луксузна турска бања, трговски центар и уште многу нешта.
За изведувач беше избрана компанијата „Сарот пропертис груп“. Изградбата на вили што потсетуваат на мали замоци започна во 2014 година. Дури 200 милиони долари се потрошени за изградба на 587 од 732 објекти. Меѓутоа, во 2018 година се случи финансиската криза, пазарот на недвижности и глобалната економија паднаа во неволја, а турската лира загуби во вредност. Компанијата прогласи банкрот и работите беа прекинати.
Бурџ Ал Бабас се наоѓа на неколку километри од градот Мудурну. Градските власти неодамна одлучија да се обидат да го претворат овој град во туристичка дестинација. Официјалните лица предложија да се поведе петиција за да се запише на листата на светско наследство на УНЕСКО.
Минатата година, „Сарот пропертис груп“ објави дека излегла од банкрот и сака да продаде 100 вили за да го отплати долгот и да продолжи со развојот. Меѓутоа, проектот неодамна го презеде „НОВА груп холдингс“, мултинационална американска корпорација.
Сѐ уште не е познато каква ќе биде иднината на овој град. Доколку споменатата корпорација се согласи, може да се претвори во луксузна туристичка дестинација, што е желба на властите.