Популацијата на еднорогиот носорог во Непал достигна најголем број во последните 20 години, а еден од важните фактори е прекинот на туризмот поради пандемијата на коронавирусот, што овозможи регенерација на живеалиштето на овие животни.
Популацијата на носорози во четири парка во Непал се зголемила на 752, за разлика од 645 во 2015 година. Од 2000 година, ниту едно друго истражување за носорозите спроведено од непалската влада не открило повеќе од 650 животни.
Живеалиштето било поделено и животните се броеле рачно. Таквиот процес траел околу три недели. Зголемувањето на бројот на носорози е резултат на неколку промени, вклучувајќи ги инвестициите во управување со засолништата, заштита на животните и запирање на туризмот поради пандемијата на ковид-19.
Во Индија и Непал има останато помалку од 2.200 еднороги носорози, кои се сметаат за загрозен вид. Додека, пак, во Бангладеш и Бутан тие се истребени и се на нишан на ловокрадците поради роговите што се користат во традиционалната медицина, иако нема докази дека тие имаат некаков ефект.