Бројот на диви пчели низ светот се намалил за една четвртина, во периодот од 1990 до 2015 година, покажаа податоците на Глобалната организација за биолошка разновидност. Податоците за пчелите биле собирани од музеи, универзитети и од научници аматери. Ова не значи дека тие се изумрени, туку дека станале толку ретки што е речиси невозможно да се изучуваат во природата.
– Соработката со научниците аматери и можноста за разменување податоци овозможија да се зголеми бројот на податоци, но бројот на диви пчели се намалува. Не станува збор за катаклизма, но не можеме да бидеме задоволни од ситуацијата во која се наоѓаат – изјави биологот Едуардо Затара од Аргентинскиот национален совет за научнотехничко истражување.
Различните студии од овој месец покажуваат дека бројот на сите инсекти се намалил од 10 до 20 проценти во текот на една деценија, а тоа се смета дека е застрашувачка бројка. Истражување спроведено во САД минатата година покажува дека недостигот од пчели на земјоделските земјишта ја ограничува достапноста на одредени култури. Од друга страна, британската влада неодамна им дозволи на земјоделците да користат неоникотиноид за одгледување шеќерна репка, и покрај фактот дека станува збор за пестицид што убива пчели. Неговата употреба е забранета во Европската Унија во 2018 година.

Меѓу најновите студии за пчелите е и онаа објавена во списанието „Уан ерт“, во која се анализираат податоци за 20.000 вида на овој инсект што настанале во периодот од три века. Истражувањата покажале дека падот на бројката не е ист кај секој вид.
Научниците предупредуваат дека недостигот од податоци за намалување на бројот на инсекти во тропските делови на планетата оневозможува правилно да се разбере падот на бројот на пчелите. Податоците на Глобалната организација за биолошка разновидност се однесуваат само на Северна Америка и на Европа.
Затара посочува дека тие не го утврдиле статусот на одредени видови пчели, но дека е јасно дека постои глобален тренд на намалување на различноста во рамките на популацијата на пчелите.
– Потврдено е дека она што се случува на локално ниво се случува и на глобално ниво. За да може сознанието за овој проблем да биде што е можно повалидно, потребно е јавно да се споделат податоците – вели тој.
Тој исто така предупредува дека чекањето на податоците може да значи неможност да се спасат пчелите, пишува „Гардијан“.