Бронзена скулптура на Меланија Трамп, сопругата на американскиот претседател Доналд Трамп, е поставена на местото каде што се наоѓаше нејзина дрвена скулптура, која беше оштетена пред два месеца. Скулптурата ја осмисли уметникот Бред Дауни, а е поставена во градот во кој порасна американската прва дама – Севница, во Словенија, објави Си-ен-ен. Дауни изјави дека тој, всушност, отсекогаш сакал на Меланија да ѝ се направи бронзена скулптура. Меѓутоа е направена дрвена, која во јули годинава беше запалена.

Дауни додаде дека локалното население го поддржало поставувањето на скулптурата, која тој ја донирал. Според неговите зборови, ова дело е инспирирано од статуите што Владимир Илич Ленин ги поставувал по Октомвриската револуција во 1917 година. Тој тврди и дека неговата претходна дрвена скулптура била критика на монументализмот. Дауни ја нарачал изработката на дрвената скулптура од локалниот уметник Алеш Зупевц, познат под псевдонимот Макси. Тој е роден во истата болница и истата година како и Меланија Трамп. Меѓутоа, Зупевц не учествувал во изработката на бронзениот кип, но присуствувал на неговото свечено откривање.

Од полицијата во Севница соопштија дека сѐ уште не откриле кој ја оштетил дрвената скулптура. Дауни изјави дека тој барал таа веднаш да се отстрани, за да се избегнат политички тензии.