Британските награди за поп-музика од наредната година ќе се ослободат од своите женски и машки категории, со воведување родово неутрални награди за локални и меѓународни уметници, објавија организаторите.
Изведувачите сега ќе бидат во трка за уметник на годината или меѓународен уметник на годината на годишната церемонија, која ќе се одржи на 8 февруари 2022 година.
– Важно е „Брит“ да продолжи да се развива и да се стреми да бидат што е можно поинклузивни. Се чини дека е вистинско време да се прослават достигнувањата на уметниците за музиката што ја создаваат и работата што ја работат, без разлика на полот – се наведува во соопштението на новиот претседател на наградите и копретседател на „Полидор рекордс“, Том Марч.
Британците ги следат стапките на други наградни шоуа или настани што ја отстранија родовата класификација.
Во септември филмскиот фестивал во Сан Себастијан им ја додели својата прва родово неутрална актерска награда за најдобра главна улога на заедничките победнички Џесика Честејн и Флора Офелија Хофман Линдал.