Поп-пејачката Бритни Спирс се осврна на неодамнешните документарни филмови за нејзиниот живот и кариера, нарекувајќи ги лицемерни, затоа што ги повторуваат нејзините лични проблеми додека ги критикуваат медиумите што првпат известувале за нив.
„Еф-икс“, мрежата на Волт Дизни, и „Њујорк тајмс“ во февруари го објавија „Фрејминг Бритни Спирс“. Документарецот го истражува метеорскиот подем на слава на Бритни како тинејџерка, медиумскиот надзор што следуваше потоа, како и нашироко објавуваниот и коментиран нервен слом.
И овој месец британската радиодифузна корпорација (Би-би-си) го објави новиот документарец со оригинален наслов „Битката за Бритни“. Во Велика Британија е веќе прикажан, а во САД и Канада ќе дебитира на 11 мај преку стриминг-услугата Би-би-си селект.
Во објава на Инстаграм, Спирс не посочи директно кој документарец го коментира, но напиша: „Толку многу документарни филмови за мене оваа година со туѓи погледи на мојот живот“.
– Овие документарни филмови се толку лицемерни, ги критикуваат медиумите и потоа прават исто како нив – додаде таа.
Во март, Спирс рече дека плачела две недели откако го гледала „Фрејминг Бритни Спирс“.