Чарли позира на купот залихи со храна за целата година

Стравувањето од брегзит без договор и загриженоста дека одредени производи нема да им бидат достапни по излегувањето од Унијата, принудија дел од Британците да почнат да складираат залихи од храна. Британските медиуми ја илустрираа ваквата невообичаена состојба со фотографија од куче по име Чарли, кое стои врз куп конзерви со храна за кучиња доволна за една цела година, пренесува „Гардијан“.

– Не ѝ верувам на Владата. Не верувам дека таа воопшто се грижи за мене. Кога станува збор за довербата во оваа влада, не верувам дека таа би се грижела и за моето куче – вели сопственичката на Чарли, Хелена, објаснувајќи дека стравот од брегзит без договор е причината за нејзиното трупање на храна во конзерви.

Поради стравот од брегзит, таа складирала залихи за целата година за нејзиниот миленик, како и залихи за три месеци храна за себе.

Покрај овие залихи, Хелена купила доста играчки и грицки за Чарли, како и шминка и алкохолни пијалаци за себе. Залихите биле натрупани до 29 март, првобитиот датум предвиден на брегзит и излегувањето од ЕУ. Истите тие залихи, сепак, останале нечепнати и непотрошени, а датите за брегзит постојано се одложуваат.

– Иако брегзит не се случи, мислам дека ваквиот чекор беше добар. Не морам постојано да пазарам и имам некое чувство на сигурност. Нема да останеме без храна барем некое време – вели Хелена.

Стравот од излегувањето од ЕУ стигнал дотаму, што таа ја напуштила хуманитарната организација во која работела и почнала самостојно да продава сладолед, без да има локација за нејзиниот бизнис, ниту план за набавка на состојките потребни за десертот.

Загрижената Џо Елгарф и нејзината ќерка Нора

Загриженост од брегзит без договор има и кај Џо Елгарф, која почнала да се подготвува на почетокот на годината купувајќи млеко во прав, ориз и шпагети. Но таа не е загрижена за храна.

Нејзината ќерка Нора боледува од полимикрогирија и зависи од многу лекарства. Без Епилим и Кепра, кои се увезуваат од Европа и не може од нив да се складираат залихи, таа би имала повеќе напади на дневна база, што би можело да биде опасно по нејзиниот живот.

Елгарф е загрижена поради одлуките кои може да ги донесе Борис Џонсон доколку победи на изборите.

– Ако направат излез од ЕУ без договор, тие воопшто нема да помислат на мојата Нора и што би можело да ѝ се случи без лекарствата – вели Елгарф.

Ниту Владата, докторите и фармацевтите не можат да ја убедат дека ќе има залихи од лекарствата откако ќе ја напуштат ЕУ, Елгарф решила да преземе нешто и да се приклучи на кампањата на партијата на либералните демократи со цел да направи промена.