Британскиот музеј во Лондон во април подготвува голема изложба посветена на тантрата и нема, како што најавуваат, да биде посветена само на сексот туку ќе понуди сеопфатно истражување на оваа древна радикална езотерична традиција и духовно учење, кое од своето основање, во Индија во 6 век, па до денес, во светот ги поместувало границите тестирајќи ги религиските, културолошките и политичките норми.

– Изложбата нема да биде „уживање заради уживање“, ниту за она што своевремено го сугерираше Стинг, раскажувајќи за своите седумчасовни сесии на водење љубов. Кога и да споменам дека работам на изложба за тантра, луѓето ме прашуваат дали е тоа Кама сутра или она што го практикува Стинг – вели кустосот Има Рамос.
Стинг, имено, долго се поврзуваше со тантрата откако во интервју од 1990 г. рече дека ужива во маратонски тантрички сексуални сеанси. Подоцна го негираше тоа и изјави дека бил пијан и само се шегувал.

Рамос вели дека станува збор за поприличен стереотип, кој влијаел на погрешното сфаќање на тантрата, слично на она што промовира дека Кама сутра е нејзин дел.
– Во тантра повеќе станува збор за задржување на желбата за на крајот да ја надминете и да ги прифатите сите аспекти на телесното и сензуалното и да генерирате моќ. Пристапот кон еротиката и идејата за желбата тука се многу поинакви. Не станува збор за уживање само заради уживање, како што е Кама сутрата – појаснува Рамос.

Тантрата на Запад обично се изедначува со сексот или јогата, но треба да се сфаќа како дел од поширока филозофија. Значи, на изложбата, која ќе вклучува над 100 предмети, секако ќе има секс и јога, но не на оној стереотипен начин.

Ќе бидат претставени четири најрани ракописи на тантра од Непал, настанати во 12 век, кои на Британскиот музеј му ги позајми универзитетската библиотека на „Кембриџ“. Голем дел од поставката ја тематизира важноста на светата женска моќ и ја истражува перцепцијата на жената како пасивна и послушна. Ќе има и дела од современата уметност, а последниот дел од изложбата ќе се фокусира на 20 век и на тоа како тантрата во 1960-тите и 1970-тите е интерпретирана како движење што би можело да ги инспирира антикапитализмот и идеалите на слободната љубов.

– Тантрата едноставно го промени светот, а сепак за неа малку се знае или погрешно се сфаќа. Оваа изложба се обидува да го исправи тоа. Покрај тоа е и многу актуелна. Полот, женската моќ, флуидноста на половите, религиозниот плурализам, свесноста… Сѐ се тоа теми што се голем дел од современиот дискурс – вели директорот на Британскиот музеј, Хартвиг Фишер.

Изложбата „Тантра: Просветлување до револуција“ се отвора на 23 април.