Луѓето ширум светот неодамна доживеаа шок кога беше објавено дека остров од пластичен смет, плови по Тихиот Океан, а сега со иста површина како Франција, Германија и Шпанија заедно, а бидејќи е познато дека за разградување на пластика се потребни векови, се поставува прашањето дали цивилизацијата еден ден ќе се задуши во пластика.

Научниците од британскиот Универзитет Портсмут велат дека можеби откриле начин да го забрзаат процесот на разградување на пластика.

Имено, во постројката „Дајмонд Лајт Сорс“ во Оксфорд научниците од Универзитетот Портсмут и други научни институции, се обидуваа да ги анализираат хемиските својства на ензимите, кои помагаат одредена бактерија да разгради најраспространет тип на пластика, познат по кратенката ПЕТ.

Користејќи многу јака светлина, тие ја промениле структурата на ензимите, потоа повторно ги внеле во бактеријата и набљудувале што ќе се случи.

– Мислевме дека ќе го забавиме ензимот ако промениме некои аминокиселини, но го забрзавме. Направивме посовршена верзија на ензимот, кој е подобар од природниот – објаснува Џон Мегихан од Универзитетот Посртсмут.

Научниците под микроскоп виделе дека бактеријата побрзо ја јаде пластиката. Процесот е сличен на оној, кој во пеесетите години на минатиот век, се користел за развој на детергенти, чии ензими се модифицирани и така станале постабилни, што овозможило многу побрзо разградување на протеините и маснотиите од валканите работи. Меѓутоа забрзувањето на разградувањето на ПET се покажало како многу потешка задача.

– Сега, всушност, можеме да го апсорбираме ПET за неколку денови, што е многу побрзо отколку во природата. Идејата е да можеме да го забрзаме ензимот, така што ќе разбереме како работи и потоа од тоа да направиме индустриски процес – вели Мегихан.

Научниците истакнуваат дека засега можат да произведат само неколку грамa од овој ензим, но се надеваат дека индустриски ќе можат да направат неколку килограми. Крајната цел е да се направи ензим, кој побрзо ќе ја изеде пластиката.