Британскиот истражувач Кен Дарк, археолог од универзитетот „Рединг“, тврди дека ја нашол куќата во која детството го минал Исус Христoс и оти таа се наоѓа во Назарет, соопшти Европската асоцијација на археолози на официјалниот твитер-профил. Дарк минал 14 години барајќи остатоци од манастирот на сестрите во Назарет, Израел, каде што, според неговото тврдење, живеел Исус.
Како што пишува „Дејли мејл“, Дарк, врз основа на теренските истражувања, заклучил дека куќата му припаѓала на Јосиф, сопругот на Марија, односно Исусовиот татко.
– Куќата имала неколку соби, двор, балкон на покривот, а денес на тоа место се гледаат единствено скали направени од камен, а зад куќата има природна пештера – изјавил Дарк.
Тој додал дека нема физички доказ оти тоа навистина била куќата на Исус, меѓутоа, објаснува дека е тешко да се најдат докази стари 2.000 години, пренесува „Дејли мејл“.