ВИСТИНСКИ АЈРОНМЕН

Деновиве на британските воени лидери им беше демонстрира футуристички авиокостим, кој на војниците ќе им овозможи да летаат на небото над воените зони, со брзина над 120 километри на час.
Ричард Браунинг, основач на „Гравити индустрис“, кого честопати го нарекуваат Вистински Ајронмен, поради неговите пронајдоци, го тестираше својот костим на „Арми пипл конференс“ во Фарнборо.
Персоналната летачка машина, која компанијата ја именува како „прва во светот“, се управува со пет гасни турбини и е способна да достигне височини над 3.500 метри – пренесе „Дејли мејил“.
„Арми пипл конференс“ се одржа во конференцискиот центар на меѓународниот аеродром „Фарнборо“. Според портпаролот на армијата, Браунинг го демонстрирал потенцијалот на авионскиот костим и како би можеле да го применат британските војници.
– Конференцијата започна со демонстрација на способностите на млазниот костим на Ричард Браунинг, кој ѝ пркоси на гравитацијата. Одлично беа претставени иновативниот и технолошкиот напредок – додаде портпаролот..
За време на демонстративниот лет, Браунинг полетал и слетал на хаубата на блискиот џип и на покривот на кабината на камион, пред да одлета на балкон полн со воени набљудувачи. Многумина од присутните ја искористиле можноста да се фотографираат со сега познатиот Џетмен во акција.