Бригискиот крал Мида

Бригите се најстариот народ кој живеел во Македонија и еден од најстарите и најбројните народи на Балканскиот полуостров.

Нивното доаѓање на територијата на Балканот, најверојатно се случила од северниот дел на Европа во текот на индоевропските миграции, во средината на вториот милениум пред нашата ера. Според Ежен Борза, Бригите биле дел од Лужичката култура кои се преселиле во јужниот дел на Балканскиот Полуостров во текот на доцниот бронзен период.   

Бригиски воен шлем

За потеклото на нивното име постојат неколку теории, според Херман Милер нивното име можеби е поврзано со индоевропскиот корен од германскиот Berg (кора, планина) и словенкото брег (кое освен брег, означувало и врз, рид или планина). 

Најпознатиот бригиски крал Мида во хеленската митологија е запаметен по неговата способност да претвори во злато сѐ што ќе допре, ова било наречено златен допир или допирот на Мида. Според традицијата тој бил крал на македонската Бромија кој ја засадил прочуена градина на розите.

Според археолошките истражувања,  тие живееле на просторот меѓу Преспанското и Охридското Езеро, Драч, Јужна Албанија и Епир или попрецизно, во горниот тек на реката Еригон.

Хеленскиот историчар Херодот ги именува Бригите како најстариот народ на светот и според него тие биле изумители на разни вештини (обработка на метали, ковање пари, изум на тркалото, музиката на Марсијас), а во Илијадата се спомнуваат како сојузници на Тројанците во војната против Ахајците.  

Македонски војник со бригиски шлем

На Балканскиот полуостров како голема популација, исчезнуваат во почетокот на железното време, но нивниот јазик и ономастика, како и елементите на материјалната култура, остануваат во културата на античките Македонци. Според зачуваните лични имиња, Бригите имаат сличности со имињата на Пајонците, Пелагонците, Едонците и другите македонски племиња. Истражувачите О. Хас и И. Пудиќ, ја застапуваат бригиската теза, односно дека старите Македонците воделе потекло од Бригите. Според Наде Проева, Бригите се главна компонента во етногенезата на Македонците.