Финалето на 23-от фестивал „Таксират“, најголемиот зимски урбан музички фестивал во Југоисточна Европа, ќе се одржи вечерва во Скопје. Со вкупно 14 настапи на три бини во СЦ „Борис Трајковски“, за големото затворање на годинашниот „Таксират“ пристигнуваат водечки светски, регионални и домашни музички уметници на електронската, рок, метал и трап/хипхоп-сцена.
На главната бина на „Таксират“, посетителите ќе имаат привилегија да уживаат во премиерниот настап во Македонија на фамозниот маестро Борис Брејча, кој е истакнат суперхерој на светската електронска сцена и еден од најбараните изведувачи на денешницата, кој и покрај веќе трасираните музички правци, сепак, одлучи да создаде свој звук и дочека неговиот „хај-тек минимал“ да биде еден од најпопуларните електронски стилови денес, а тој да настапува на сите најголеми светски фестивали со препознатливата маска „џокер“.
Заедно со Брејча, од Германија пристигнува и неговата долгогодишна соработничка, извонредно харизматичната Ен Клу, позната по своите непредвидливи сетови и посебна енергија.

Главната бина на „Таксират“ оваа година има чест да им биде домаќин на три исклучително значајни, легендарни музички имиња од македонската и регионалната сцена, и тоа неуништливите „Партибрејкерс“, еден од највлијателните и најистрајни рок-бендови во регионов, кој веќе 40 години воодушевува, испорачувајќи моќен звук на сцената; култната „Мизар“, ѕвездата водилка на македонската музичка авангардна алтернативна рок-група, која важи за пионер на дарк-вејв естетиката во регионот; и најзначајната македонска треш-метал група „Санаториум“, подеднакво култно име што три децении е музичка лектира на балканската метал-сцена.
Втората бина, лоцирана во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“ е резервирана за највлијателниот трап/хипхоп-звук од земјава и од регионот, кој ќе се чуе преку настапите на „З++“ од Хрватска, „Црни Церак“ од Србија и македонските предводници на жанрот „Бон Праскиза“, „Јанг Дади“, „Ајри Скреч“ и „Шорти Пи“.
Третата бина „Сајлент диско“ ќе понуди музичка селекција од страна на три докажани диџејски имиња што владеат со подиумите низ македонските клубови, а кои оваа вечер во исто време ќе застанат зад диџејскиот пулт, додека посетителите преку слушалки ќе можат да ги менуваат трите фреквенции избирајќи го својот омилен ритам за танц.