Двократниот добитник на „оскар“, холивудскиот глумец Бред Пит, вели дека е многу горд на своето пенливо вино „шампањ флер де миравал“, кое ќе се појави на американските полици на 15 октомври во лимитирано издание, по цена од 390 долари. Технички гледано, пенливото вино на Бред е создадено во куќата на шампањот „Ле Меснил сур Огер“, каде што се одгледувало грозјето, надвор од неговата винарница на југот на Франција. „Шато Миравал“ е дворец винарница на површина од 1.200 хектари, кој тој сè уште го поседува со поранешната сопруга Анџелина Џоли, а вредноста е проценета на 60 милиони долари.

– Резултатот е спектакуларен – изјавил 56-годишниот холивудски актер за „Пипл“, коментирајќи го квалитетот на виното.
Тој додал дека „Миравал“ не е славно вино.
– Пред сè, тоа е прекрасен, исклучителен имот во кој се вљубив и во кој продолжувам да вложувам за да го направам еден од најдобрите имоти во Прованса. За виното, соработував со семејството Перин. Тие се винари веќе пет генерации. Заедно, ние сме во ова на долг рок. Тоа не е само тренд на минување – посочил Пит.

Првото лимитирано издание на „флер де миравал“ е мешавина од 75 проценти шардоне и 25 отсто пино ноар.
– За мене, шампањот поттикнува чувства на славење, квалитет, престиж и луксуз – вели холивудскиот шармер.
Бред Пит во неколку наврати истакнал дека имотот на југот на Франција го смета за свој втор дом.