Гиљермо дел Торо е мајстор за хорор, научна фантастика и филмови за чудовишта, поради што првиот трејлер за неговиот нов филм „Алејата на кошмарот“ може да ги шокира неговите обожаватели. Имено, овој пат славниот режисер направи филмски ноар со некои од најпочитуваните холивудски актери на денешницата, како што се Бредли Купер, Кејт Бланшет, Тони Колет, Вилем Дефо и Руни Мара.
„Алејата на кошмарот“ е адаптација на истоимениот роман на Вилијам Линдзи Гришам од 1947 година. Бредли Купер го игра Стентон Карлајл, забавувач што некогаш бил дел од патувачки карневал, а сега настапува во ноќен клуб. Меѓутоа, тоа не е единственото нешто што го прави Карлајл. Имено, триковите што ги научил во претходната работа, сега ги користи за да манипулира со богатите и да ги добие нивните пари. Кога ќе се сретне со психијатарот, д-р Лилит Ритер (Кејт Бланшет), сепак, Стентон ќе открие дека постои некој многу поопасен од него и неговата тајна повеќе нема да биде сигурна.
Трилерот „Алејата на кошмарот“ ќе ја има својата премиера на 16 декември оваа година.