Брегзит и предвиденото излегување од Европската Унија беа доволна причина за американскиот милијардер Илон Маск да одлучи против отворање на неговата најнова фабрика за производство на електрични автомобили во Велика Британија. Ваквата испуштена шанса значи и пропуштање на потенцијалните работни места и економски придобивки за Британците, пренесуваат светските медиуми.

Поради брегзит и излегувањето од Европската Унија, Велика Британија ја испушти шансата да биде домаќин на првата европска фабрика на пионерот во производството на електрични автомобили „Тесла“, објаснува сопственикот и директор на компанијата Илон Маск, а пренесува „Фајненшл пост“. 

– Брегзит претставуваше ризик „Гигафактор 4“ да биде изградена во Велика Британија – кажа Маск за веб-страницата „Ауто Експрес“.

Од компанијата соопштија дека решиле фабриката да биде изградена во близината на Берлин, каде што ќе биде изграден погон за производство на батерии и возила, што ќе претставува голем економски поттик за германската престолнина. Маск на Твитер го нарече проектот „Гига Берлин“.

– Овој потег на „Тесла“ ќе отвори од 6.000 до 7.000 работни места само во производството, со потенцијални илјадници други работни места во области како што се дизајн, софтвер или истражување – изјави Рамона Поп, министерка за економски прашања.

Брегзит им штети на странските инвестиции затоа што идниот трговски однос со Велика Британија и ЕУ сѐ уште не е јасен. Големите производители на автомобили, како што е „Нисан“ соопштија дека неуредното заминување од ЕУ без договор, за компаниите претставува соочување со тарифи и го става во опасност целиот нивен деловен модел. Секторот за бизнис на Велика Британија одби да ги коментира ваквите извештаи.

Новоотворената фабрика во Берлин ќе вклучува и инженерски и дизајн-центар. „Тесла“ купи германска инженерска фирма во 2016 година за да помогне во производството на „Модел Зед“, а се чини дека истата ќе помогне во производството на „Модел Испилон“, како и на електричниот камион „Сајбертрак“, кој би требало да биде претставен идната недела.

„Модел Y“ кој ќе се произведува во „Гигафактор 4“