Канадскиот кантавтор Брајан Адамс, кој минатата година одржа фантастичен концерт во Скопје, деновиве е во фокусот на јавноста поради својот коментар на социјалните мрежи Твитер и Инстаграм. Во него тој за ширењето на новиот коронавирус ги обвини „лошата исхрана, продажбата на животни на пазарите за морска храна и алчните копилиња што го создадоа вирусот“, пренесува Ројтерс.

„По оваа глупост, се радувам што вашата турнеја беше откажана“, му напиша еден корисник на „Твитер“. „Не можам да бидам ваш обожавател по ова. Тоа е расизам, човеку“, додаде друг.
Причина за лутината на Брајан Адамс беа откажаните концерти во лондонскиот „Ројал Алберт хол“ поради ковид-19.
Неговата објава наиде на остри критики и осуда на социјалните мрежи, а претседателката на Кинеско-канадскиот национален совет за општествена справедливост, Ејми Го, ѝ кажа на канадската корпорација за радиодифузија дека коментарите на пејачот се „многу, многу расистички“.

Во своето извинување, исто така поставено на Инстаграм, Адамс вели дека „единствено сакал да го сврти вниманието на ужасната суровост кон животните што се продаваат на пазарите за морска храна, како можен извор на вирусот, а исто така сакал и да го промовира веганизмот“ како начин на исхрана.
Адамс моментално живее во Лондон и е веган.

Многу истражувачи веруваат дека новиот тип коронавирус потекнува од лилјак и дека извор на вирусот е пазар за морска храна во Вухан, Кина. Но теоријата дека излезна точка на вирусот е лабораторија во Вухан станува многу веројатна во последните неколку недели, пишува „Ројтерс“.