Италијанскиот оперски пејач, текстописец и продуцент Андреа Бочели (61) бил заразен со коронавирусот, но оздравел, пишуваат италијанските медиуми. Музичарот вели дека открил оти е болен на 10 март, но немал посебни симптоми, само лесна треска.

– Мојата сопруга, децата и јас го прележавме коронавирусот. Имав треска, но според лекарската практика, сум имал вирус без симптоми – вели оперскиот пејач.
Андреа неодамна ја посетил болницата „Цисанело“ во Пиза за да донира крвна плазма за истражување на коронавирусот. Тоа може да го направат само луѓе што се позитивни на вирусот и оздравеле. Заедно со него крвна плазма донирале неговата сопруга и двете деца.

Еден месец по дијагнозата, за Велигден, Бочели пееше во празната катедрала „Дуомо“ во Милано, но во катедралата немаше публика поради мерките што беа во сила среде борбата против пандемијата на коронавирусот. Бочели тогаш го изведе концертот про боно, во хуманитарни цели, а на Интернет можеше да се гледа во целиот свет.