Жителите на селото Језеро во БиХ се подготвуваат да се соберат пред видео-екранот во дворот на нивното единственото училиште, за денес во 21.48 часот по средноевропско време да го гледаат слетувањето на сондата „Пресерванс“ на НАСА на Марс, во кратерот „Језеро“ именуван според нивното село.

Тоа ќе биде историски ден за 1.000 жители на селото, кои се надеваат дека планираното слетување на „Пресерванс“ на Марс ќе им донесе и некои земни награди. За некои од нив ова им предизвикува чувство на гордост, нешто што е реткост среде тешкотиите и сиромаштијата што останале вкоренети од босанската војна во 90-тите години на минатиот век, пренесува „Асошијетед прес“.

– Кога за првпат слушнав на телевизија дека НАСА го именува кратерот на Марс по нашето село Језеро, се изненадив и помислив конечно нешто добро ни се случува. По повеќе години тешкотии, можеби ова е знак дека конечно можеме да тргнеме напред. Тоа е многу важно за нашата општина, за нашиот народ – рекол Милан Котањац, жител на Језеро.

Многумина локални жители се надеваат дека истражувањето на кратерот може да предизвика поголемо внимание и интерес за посета на зелената босанска долина во непосредна близина на прекрасното езеро Пивско, кое се полни со река.

НАСА ги информираше локалните власти во 2019 година за своите планови да го именуваат кратерот широк 45 километри на Марс по селото, бидејќи некогаш и тоа било езеро кое се полнело со река, како и тоа во близина на Језеро.

Веста беше соопштена лично во септември 2019 година од страна на американскиот амбасадор во БиХ, кој му подари на градоначалникот на Језеро писмо од директорот на НАСА за истражување на Марс, во чест на врската помеѓу селото и црвената планета.