Лидерот на групата „Ју ту“, Боно, ја објави својата песна инспирирана и посветена на Италијанците што се во каратин поради пандемијата на коронавирус, пишува „Гардијан“.

Боно на Инстаграм ја објави новата песна „Let Your Love Be Known“ со пораката: „На сите Италијанци кои се инспирирација… на сите Ирци, до сите кои се наоѓаат во тешка состојба, но сепак пеат. До лекарите, медицинските сестри, борците на првата линија, вам ви пееме“.
За песната, веројатно снимена во неговиот дом во Даблин, Боно вели дека ја напишал еден час пред објавувањето. Тој ја изведува сам, на пијано.

Стиховите го водат низ напуштените улици во Даблин и зборуваат за изолацијата и стравот предизвикан од ширењето на заразата. Тој очигледно бил инспириран од снимките на изолирани Италијанци кои излегоа на балконите и пееја.

Песната е објавена вчера, на денот на Свети Патрик, патронот на Ирска, чии прослави беа откажани поради коронавирусот и забраната за јавни собири.

„Ју ту“ нема издадено албум од 2017 година. Минатата година и претходната година, тие го обиколија светот по повод триесетгодишнината од објавувањето на легендарниот албум „Joshua Tree“.