Филмот на шпанскиот режисер Педро Алмодовар (70), „Болка и слава“, триумфира на доделувањето на наградите „гоја“ во Малага, Шпанија, освојувајќи ги наградите на Шпанската филмска академија за најдобра режија, фотографија и главен глумец. Алмодоваровиот филм, кој е и шпански кандидат за „оскар“, ги освои и наградите за сценарио, оригинална музика, споредна женска улога и монтажа.
– Сфатив дека пишувам за себе и минатото и не бев сигурен дека треба да продолжам да се отворам до тоа ниво, но го направив тоа и сега сум многу среќен – рече Алмодовар на церемонијата.

Глумецот Антонио Бандерас ја освои наградата за најдобра машка улога, а ова му е првпат да ја освои наградата на Шпанската академија, по пет номинации. Филмот на Алехандро Аменабар „Додека трае војната“ освои пет награди, главно во техничките категории, додека наградата за најдобра женска улога ѝ припадна на глумицата Белен Куести за филмот „Бесконечен ров“. Интересно е што наградата за најдобра нова глумица ја доби 84-годишната Бенедикта Санчез за улогата во филмот „Огнот ќе дојде“ на Оливер Лакс.
Наградите „гоја“ на Шпанската филмска академија се сметаат за шпанска верзија „оскар“.