Фронтменот на групата „Мегадет“, Дејв Мастејн, на социјалните мрежи откри дека му е дијагностициран рак на грлото, пренесуваат светските медиуми. Поради ова, бендот ги откажа концертите закажани во 2019 година.

– Дијагностициран ми е рак на грлото. Работам со моите доктори, а направен е план за третман кој има околу 90 отсто шанса за успех. Веќе го имам почнато третманот – објави Мастејн на социјалната мрежа Фејсбук.

„Мегадет“ ќе продолжат со работа во студио, работејќи на нов материјал за кој Мастејн вели дека одвај чека да биде готов и обожавателите да го чујат.

– Навистина сум благодарен за сета поддршка што ја имам од мојата фамилија, од бендот, од обожавателите и докторите. Ќе бидете известени за сите новости – напиша Мастејн.

Обожавателите и членови од други метал-групи му посакаа брзо закрепнување. Мастејн го формираше „Мегадет“ пред повеќе од 30 години, а се дел од бендовите на таканаречената „Голема четворка“ и пионери во создавањето на треш-метал сцената заедно со бендовите „Металика“, „Антракс“ и „Слејр“.