Една од најпознатите и најпродавани божиќни приказни на сите времиња е „Божиќната приказна“ (Christmas Carol) на Чарлс Дикенс, а за една од најубавите традиционални божиќни песни се смета „Stille Nacht, heilige Nacht“

Божиќ е неодминлив празник. Но дали некогаш сте се запрашале како почнало сѐ? Од каде потекнува традицијата на украсување на елката? Како настанал Дедо Мраз? Во прилог следуваат неколку одговори.

1. Пред сè, Божиќ не се славел отсекогаш на 25 декември и на 7 јануари. Всушност, воопшто не се славел до 3 век. Во Библијата, во делот што зборува за раѓањето на Исус, не се спомнува дека тој е роден во декември или јануари, а многу историчари веруваат дека Исус, поради кого се слави Божиќ, всушност бил роден напролет.

2. Првиот божиќен саем бил отворен во 16 век во баварскиот град Нуренберг. Во 1570 година, на штандовите се продавале храна и пијалаци, а со текот на годините, саемите од германската област, се прошириле низ Европа, а потоа и во САД. Во изминатата деценија сѐ почести се и кај нас и имаат разновидна понуда.

3. Првата новогодишна елка била забележана околу 1600 година во Германија, од каде што се проширила низ целиот христијански свет. Се верува дека Германците ја пронашле инспирацијата од антички верувања.

Зимзеленото дрво во нивниот свет симболизирало плодност, а гранките биле китени со свеќи за да обезбедат добар принос и да ги ослободат од злите сили.
Германскиот принц Алберт ѝ ја претставил традицијата на китење на елката на својата сопруга, англиска кралица Викторија, а потоа традицијата почнала да се шири во светот.

4. Во нашите региони, ноќта пред Божиќ е именувана како Бадник. Со овој ден се поврзани многу народни обичаи за да биде плодна и среќна годината. Оттука потекнува и украсувањето на бадниковото дрво со ореви, јаболка, бонбони, а на врвот се става ѕвезда, осврнувајќи се на настаните од Витлеем.

5. Денес на елката преовладуваат црвени и златни бои, кои се вклопуваат со зеленото дрво. Но тоа не е случајно. Имено, овие бои се поврзани со првобитното значење на Божиќ. Црвената боја го симболизира Исус и неговата жртва, зелената животот, а златната светлината.

6. Дедо Мраз настанал од идејата за свети Никола. Имено, според легендата, свети Никола од Патаар, кој денес е на територијата на Турција, бил епископ, а денес е заштитник на децата и жените, кој сите свои добра одлучил да ги сподели со оние што немаат ништо. Во декември дарувал симболични подароци, како овошје. Се верува дека умрел на 6 декември 343 година, а со текот на годините приказната за неговите дела се проширила низ целиот свет.

Овој светец одиграл важна улога во Холандија за време на реформацијата. Бидејќи неговото име на холандски јазик било Синтер Клас, со текот на времето станал Санта Клаус во англиското говорно подрачје, кое е преведено како Дедо Мраз.

7. Токму карактерот на Дедо Мраз го искористи компанијата „Кока кола“ за промотивни цели. Тие го приспособија на ладното време, го осмислија неговиот костим, кој стана препознатлив низ целиот свет, и секоја година дизајнираа божиќна реклама со Дедо Мраз во главната улога. Хадон Сандблом е илустраторот кој го дизајнираше ликот и ја одигра најважна улога во создавањето на овој позитивен лик.

8. Омилениот ирвас на Дедо Мраз, Рудолф, е создаден за да ги охрабри децата и родителите да купуваат божиќни боенки во 1960-тите. Но тој немал црвен нос. Намерно е изоставен, затоа што во тоа време црвените носеви симболизирале болест и алкохолизам.

9. Една од најпознатите и најпродавани божиќни приказни на сите времиња е „Божиќната приказна“ (Christmas Carol) на Чарлс Дикенс.
Приказната ги следи скептичниот старец Скруџ и тројцата духови што го водат низ минатото, сегашноста и иднината на неговиот живот. Дикенс ја напишал за неколку дена, а неговата главна цел била да ги исплати долговите.

10. За една од најубавите традиционални божиќни песни се смета „Stille Nacht, heilige Nacht“, која е создадена во едно мало место Оберндорф, во близината на Салцбург, во 1818 година. Напишана е од тогашниот свештеник Јосиф Мор, а првиот пат ја извел сам во црковен хор. Песната во 2011 година влезе во листата на УНЕСКО за заштитено нематеријално наследство и е преведена на многу јазици во светот.