Се вели, кај и да си за Божиќ дома да си, но за жал, некои Македонци својот дом го преселија многу далеку, одејќи по врвиците на современите печалбари

Пејачката Татјана Димовски, порано Станковиќ, по професија е дипломирана музичарка и со сопругот Игор и со синот веќе долги години живее во Чикаго, САД. Таа е и голема хуманистка, па секоја можност ја користи да помогне, а во последно време е посветена на спасување на улични кучиња од Скопје и нивно праќање и вдомување во САД.

– Овој Божиќ за нас беше посебен, го славевме со Мечо и Вуле, нашите последни вдомени кучиња од Македонија. Инаку, празникот го прославивме многу убаво, во домашна, фамилијарна атмосфера со нашите сакани миленици. Чикаго е прекрасно украсен, полн со живот, со случувања. Сепак, за вечера како главен божиќен оброк си бевме дома, со вкусно домашно јадење и со прекрасно заедничко време. Си ги поделивме подароците, а секој од нашите миленици доби божиќна коска на подарок. Бидејќи сме протестанти, го славиме празникот во ист ден со католиците – вели Тања.

Татјана и Игор Димовски

Виолинистката Пламенка Трајковска ни долови како се слави Божиќ во Танзанија, каде што живее семејството на нејзината сестра Тања, со сопругот Раду и нивните деца.

– Тука Божиќ се слави на 24 декември, и исто како и кај нас доаѓа Дедо Мраз. Во училиштето на моите внуци, во градот Аруша, каде што живеат, белобрадиот дедо пристигна со хеликоптер и донесе пакетчиња, а децата подготвија убава претстава. Во домовите вообичаено се кити елка и секаде се чувствува празнична атмосфера. Разликата е во тоа што е топло како кај нас во лето, па можете да се капете во морето на Занзибар, каде што природата е прекрасна – раскажува Пламенка.

Пламенка Трајковска за Божиќ во Танзанија

Новинарката, писателка и дизајнерка Соња Гиздавиќ веќе неколку години по ред празниците ги минува во Венеција, каде што живее нејзината ќерка, уметницата Љупка Делева.

– Во семејството на ќерка ми еднакво се слават и католичкиот и православниот Божиќ, како и Свети Никола. И оваа година прославивме во домашен амбиент со богата вечера, богато украсена елка, во подножјето преполна со подароци за сите членови на семејството, па и за бабата од Македонија. Пред вечерата, со пријателите отидовме во еден ресторан на задолжителниот шприц, популарен венецијански коктел. Венеција е во празнично руво, со убави новогодишни декорации и многу туристи – вели Гиздавиќ.

Љупка Делева и Соња Гиздавиќ во Венеција

Татјана Лазаревска и Новица Василевски, естрадни уметници од Македонија, веќе неколку години живеат и работат во Мелбурн, Австралија, заедно со своите синови. Во пресрет на божиќните празници ги прашавме колку ги прифатиле новите обичаи во одбележувањето на овие денови, а колку сѐ уште ги негуваат оние од стариот крај.
– Бидејќи Австралија е мултикултурна, а пред сѐ католичка држава, овде ги почитуваме сите празници, а посебно католичкиот Божиќ и Велигден, кои се неработни денови. Меѓутоа, нашата религија си ја сакаме најмногу и си ја почитуваме преку сите обичаи и адети што одат со неа. Атмосферата е празнична, но помалку необична за нас поради високите температури. Сепак, црквите се преполни со Македонци. Ние по скопски кршиме лепче со паричка на бадниковата вечер, а домот го украсуваме со елка и со новогодишни декорации уште од средината на декември – вели Татјана.

Татјана Лазаревска и Новица Василевски