Пет месеци по почетокот на Првата светска војна во 1914 година, војниците го дочекаа Божиќ во рововите. На седми декември, новоизбраниот папа Бенедикт Шести повикал на божјо примирје, во кое борбата ќе биде прекината на 25 декември, за време на божиќните празници.

Ваквиот предлог на папата брзо бил отфрлен од воените команданти, но без оглед на тоа, пукањето на пушките во некои области на Западниот фронт замолкна од страна на Британците и нивните непријатели од германската страна. Нивниот краткотраен прекин на војувањето денес е познат како Божиќното примирје од 1914 година. За околу 100.000 војници Божиќ бил единствената причина да се одморат од неколкумесечното крвопролевање.

Војниците, едноставно, биле преморени од условите и од ладните ровови во кои се наоѓале. Многумина од нив, исто така се надевале дека за празниците ќе поминат време во своите домови заедно со нивните блиски.

Одредени ровови на Западниот фронт биле толку блиску еден до друг, што војниците од двете страни можеле да ги чујат своите непријатели додека зборуваат, па меѓу нив се развил еден вид „живеј и остави да се живее“ начин на функционирање. Така, поминувале и по неколку денови без да биде испукан ниеден куршум пред Божиќ да пристигне.

Еден од поубавите мигови било палењето на свеќи и пеењето бадникови песни на англиски, германски и на латински јазик. Подоцна, в зори, на денот на Божиќ, војниците без оружје излегле од рововите, и иако непријатели, се сретнале на „ничија земја“ (просторот помеѓу рововите), каде што си ги честитале празниците. Расположението на обете страни било значително подобрено, бидејќи многумина добиле честитки и подароци од нивните блиски. Дури и британскиот крал Џорџ Петти се потрудил да испрати кутии со подароци на секој војник што се борел на фронтот, во кои имало пенкала, хартија за пишување и тутун, пренесува Би-би-си.

Сцените биле навистина пријатни, двете страни меѓусебно размениле подароци, се фотографирале, играле фудбал, а забележана е и сценат во која британски војник бил потстрижен од Германец, додека во близина се печело прасе на оган.

Уште една причина за прекинувањето на огнот било и бомбардирањето кое претходело на празниците, а оставило голем број жртви помеѓу рововите. Примирјето овозможило обете страни да го искористат ова време со цел да се погрижат за нивните соборци и да им овозможат правилен и пристоен погреб.

Меѓутоа, примирјето не било прифатено подеднакво на одредени делови од фронтот, како што бил Западниот Фламански Фронт, дел кој бил бранет од белгиските трупи. Исто така, германски бродови извршиле многубројни напади врз англиските крајбрежни градови, што резултирало со смртта на стотици луѓе.

Токму поради тоа, откако веста за неофицијалното примирје стигнала до повисоките чинови на британската армија, гневот би разбирлив, со што ваквото примирје е единствено од овој вид и никогаш повеќе не било повторено. Офицерите добиле инструкции да бидат внимателни со нивните трупи, а доколку има повторно обид да се повтори примирјето од 1914 година, таквиот потег ќе се смета за предавство.

Повеќе од сто години подоцна, Божиќното примирје продолжува да инспирира и да буди емоции. За жал, ова примирје се случи токму на почетокот на војната и е еден вид спокојство пред бура, по што конфликтот продолжи со зголемен интензитет.

Сепак, тој краток момент на смиреност е од голема важност и значење, бидејќи докажа дека оние кои војуваа, имаа само една желба – мир.