Божиќ се ближи и телевизиите ќе нѐ затрупаат со еден куп божиќни филмови што веќе сме ги гледале. Но освен добро познатите божиќни класици, има и ретронаслови направени во 1950-тите и 1960-тите години, кои со помош на новите технологии можеме да ги погледнеме. Ви предлагаме некои од најдобрите божиќни ретрофилмови, според оцената на критичарите, објавени на порталот „Ротен томејтос“.

„Бел Божиќ“ (1954 г.)
Оцена на критичарите:
77 проценти
Оцена на гледачите:
88 проценти

„Бел Божиќ“ е антологиска филмска приказна снимена со своевремено исклучително популарните Бинг Крозби и Дени Кеј, чии партнерки беа Вера-Елен и Розмари Клуни. Тој и денес се смета за еден од најголемите божиќни класици. Приказната е сместена во зимскиот центар во Вермонт и, се разбира, се случува за време на Божиќ, па иако филмот можеби на некои ќе им биде премногу сладок, повеќето ќе бидат обземени од веселото расположение и празничниот дух.

„Сопругата на бискупот“
(1947 г.)
Оцена на критичарите:
82 проценти
Оцена на гледачите:
82 проценти

„Сопругата на бискупот“ е доста успешен и кај критичарите и кај гледачите. Освоил „оскар“ благодарение на извонредната глума на Кери Грант и на Лорет Јанг. Во една од своите најпознати улоги, Грант глуми ангел со човечки лик, кој се спушта од небото за да му помогне на локалниот бискуп да изгради нова катедрала, а патем да го спаси и неговиот брак, кој е во криза.

„Божиќна песна“ (1951 г.)
Оцена на критичарите:
84 проценти
Оцена на гледачите:
89 проценти

Оваа адаптација на безвременскиот класик на Чарлс Дикенс „Божиќна песна“ се смета за најверната филмска верзија на ова дело. На сите им е позната приказната за Ебенезер Скруџ, во оваа верзија го глуми Аластер Сим, скржав банкар, кој кон сите се однесува грубо и безобразно. Сѐ ќе се смени кога на Бадник ќе го посетат духовите од минатото, сегашноста и иднината, кои ќе го однесат на своевидна турнеја низ неговиот досегашен и иден живот. Скруџ тогаш сфаќа колку неговата алчност го направила огорчен и осамен, па решава целосно да се смени и да се обиде да се искупи. Тогаш ги открива радоста и вистинската вредност на Божиќ.

„Божиќ во Конектикат“ (1945 г.)
Оцена на критичарите:
88 проценти
Оцена на гледачите:
75 проценти

„Божиќ во Конектикат“ е комедија на Питер Годфри, која го носи воениот херој Денис Морган (Џеферсон Џонс) во центарот на сплетките меѓу еден издавачки магнат и уредникот на списание за готвење и храна, кој има намера воениот херој да го искористи за зголемување на тиражот. Морган, наводно, освојува божиќна вечера со Барбара Стенвик (Елизабет Лејн), авторка на ценета колумна за готвење и домаќинство, и тоа во нејзиниот дом во Конектикат.

„Чудото во Морганс Крик“ (1944 г.)
Оцена на критичарите: 88 проценти
Оцена на гледачите: 83 проценти

Комедијата „Чудото во Морган Крик“ на Престон Стурџес многу години се сметаше за контроверзна, со оглед на тоа дека станува збор за младата Труди (Бети Хатон), која поголемиот дел од времето го минува забавувајќи ги војниците што минуваат низ нејзиното гратче. Кога се појави филмот, многумина го критикуваа дека си поигрува со идејата за Божиќ и безгрешното зачнување, но со текот на годините тој прерасна во квалитетна комедија. Американскиот филмски институт го стави филмот на 54-то место на најсмешни филмови на сите времиња.

„Божиќот на Чарли Браун“ (1965 г.)
Оцена на критичарите: 92 проценти
Оцена на гледачите: 86 проценти
Чарли Браун е потиштен непосредно пред Божиќ, па ги слуша советите на својата пријателка Луси, која му предлага да организира божиќна претстава за да се развесели. Проблемите настануваат кога Чарли не може да пронајде соодветна елка, поради што другите деца го исмеваат. Но тој не се откажува во намерите повторно да ја почувствува божиќната магија, што на крајот му успева.

„Прекрасен живот“ (1946 г.)
Оцена на критичарите: 94 проценти
Оцена на гледачите: 95 проценти

Филмот „Прекрасен живот“ на Френк Капра е безвременски божиќен класик, своевидна адаптација на Дикенсовата „Божиќна приказна“, во која на очаен бизнисмен, подготвен да се самоубие, му се покажува ангел. Пред моментот во кој Џорџ Бејли (Џемс Стјуарт) на Бадник решава да си го одземе животот, изјавувајќи оти подобро би било никогаш да не се ни родел, се појавува неговиот ангел чувар Кларенс (Хенри Треверс).

„Холидеј ин“ (1942 г.)
Оцена на критичарите: 100 проценти
Оцена на гледачите: 87 проценти

Музиката на Ирвинг Берлин, песните на Бинг Крозби и танцот на Фред Астер се соединија во чудесен мјузикл што ја воодушеви публиката. Песната „White Christmas“ освои „оскар“ и стана една од најпознатите божиќни мелодии во светот. Всушност, ова е вовед во веќе споменатиот филм „Бел Божиќ“.