Здружението „Бадникови поворки“, со благослов и помош на Бигорскиот манастир, објави нов божиќен спот како подарок за верниците.
– И покрај строгите протоколи за работа и отежнатите околности што ги создаде пандемија на ковид-19, успеавме да ја исполниме нашата света должност и да оставиме за навек уште едно музичко дело. Најголема благодарност упатуваме до епископот антаниски и игумен бигорски Партениј, за неговата безрезервна духовна поддршка за целиот тим, во текот на целиот процес на создавањето на делото – велат од здружението.
Видеозаписот за возобновената божиќна песна „Христос се раѓа, на светот радост“ е снимен во прекрасните предели на Галичник и во манастирските одаи на Бигорскиот манастир. Оваа музичка творба потекнува од широките балкански простори од времето на Ромејското Царство, Византија, а се пеела меѓу мијачкото население, поради што и сегашната верзија е отпеана токму на познатиот мијачки дијалект. Нејзиниот народен мелос, пак, е карактеристичен за нашите простори, како и за богатата традиција што сме ја зачувале како наследници на ромејската култура и духовност. Новиот аранжман го направи Оливер Јосифовски.
Спотот го режира еден од најдобрите македонски режисери, Дејан Пројковски, директор на фотографија е Горан Наумовски, додека за продукцијата беше задолжено студиото „2 С“. Во приказната главна улога има познатиот актер Мето Јовановски, а се појавуваат и голем број музичари и статисти.