Голем број статистики велат дека имате многу поголеми шанси да напредувате во животот доколку сте образовани. Но за некои од успешните и богати личности од светот на шоу-бизнисот се чини дека ова правило не важи. На пример, холивудската ѕвезда Леонардо ди Каприо никогаш не го сакал училиштето и сѐ уште верува дека тоа е бесмислено.

– Не го сакам училиштето, таму ве принудуваат да се насочите кон она што не сакате да го знаете. Таму речиси никој не обрнуваше внимание на мене, сѐ додека, бидејќи ми беше здодевно, не почнав да се преправам дека сум идиот со скршена рака – изјави во една пригода славниот оскаровец.
Младиот Ди Каприо го напуштил училиштето и се запишал во Центарот за напредни студии во Лос Анџелес, каде што учел четири години, и тоа е сѐ од образованието на јунакот од „Титаник“.

Елен Деџенерис е една од најуспешните комичарки и телевизиски водителки. Нејзиниот пат до ѕвездените височини бил долг и тежок. Таа го напуштила Универзитетот во Њу Орлеанс само по шест месеци посетување настава, а потоа се посветила на варосување станови, продавање правосмукалки, а отворала и остриги во ресторан. Доста невообичаен избор на работни места за една тинејџерка.
Во 1980-тите станала стендап-комичарка и почнала да пишува скечови и со нив да настапува по клубови. Стана позната по гостувањето во емисијата на познатиот Џони Карсон, „Вечерно шоу“. Во 1990-тите имала своја серија „Елен“, а денес е кралица на телевизијата благодарение на емисијата „Шоуто на Елен Деџенерис“.

Но учењето не го заобиколувале само филмските ѕвезди. Ријана имала само 16 години кога одлучила да го напушти училиштето и да се насочи кон својата музичка кариера. Поради тоа од Барбадос се сели во САД и најпрво оди на разговор во дискографската куќа „Дег Џем“, на чие чело во тоа време бил раперот Џеј Зи. На Ријана ѝ успеало да го убеди славниот музичар во својот талент, па истата вечер потпишала договор за снимање шест албуми.
Наспроти своето животно искуство, познатата пејачка се бори што повеќе луѓе на планетата да стекнат образование.

– Верувам во образованието како оружје против неправдата и нееднаквоста – напишала Ријана на сајтот на својата фондација „Клара Лајонел“.
Оскаровката Џенифер Лоренс нема завршено ни средно училиште. Кога имала само 14 години тргнала да го освои Холивуд. И очигледно младата актерка го одбрала вистинскиот пат, за што сведочи и златната статуетка што ја освои, како и неколкуте „златни глобуси“.

– Не се сметам за суперинтелигентна. Точно, го прекинав школувањето и немам диплома за завршено средно училиште, но во изминатиот период доста бев ангажирана на самообразувањето – изјавила во една пригода Лоренс.
Своевремено најплатениот глумец на светот, комичарот Џим Кери, исто така го напуштил училиштето, но не поради глумата. Кога имал 15 години неговото семејство ја загубило куќата и немало средства за издржување четири деца, па сите, меѓу кои и најмладиот Џим, биле присилени да работат за да преживеат. Подоцна Кери завршил неколку курса за глума, а сега заработува милиони
долари за своите улоги.
И светот на модата има свои богаташки без диплома. Една од највлијателните личности во светот на модата, главната уредничка на „Вог“ од 1988 година, Ана Винтур завршила само училиште за девојчиња. Но и покрај тоа, ќерката на уредникот на лондонскиот весник „Ивнинг стандард“ секогаш знаела дека ќе стане новинар.

– Мислам дека татко ми, наместо мене, одлучи дека ќе бидам дел од модната индустрија – изјавила Винтур.
Глумецот, кој голем дел од својот хонорар за улогата во култниот филм „Матрикс“ им подели на стручњаците за специјални ефекти, Кијану Ривс, никогаш не добил диплома од средно училиште наспроти многубројните обиди. Променил дури четири училишта, за на крајот да сфати дека не е предодреден за тоа ниво на образование.

– Мислам дека едноставно не се вклопив во таа приказна. Постојано бев во судир со наставниците, бидејќи бев дете што постојано прашуваше „зошто“. Поставував прашања за што било, едноставно не запирав – раскажал еднаш Ривс.
Наместо да оди на училиште, почнал да посетува курсеви за глума, па да учествува на претстави и на крајот станал вистински глумец, и тоа еден од најпознатите на светот.
Се разбира, ова се само некои од исклучоците што го потврдуваат правилото дека учењето е светлина, како што вели една латинска поговорка.