Американската компанија за изнајмување автомобили „Херц“ минатата недела најави дека планира да купи 100.000 електрични автомобили од „Тесла“, што придонесе вредноста на компанијата за електрични автомобили да надмине трилион долари. Но, токму извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, преку објава на Твитер ја доведува во прашање реализацијата на договорот, пренесува „Си-ен-ен“.

– Сакам да напоменам дека договорот сѐ уште не е потпишан – напиша Маск на Твитер, осврнувајќи се на неодамнешниот пораст на акциите на „Тесла“.

Иако акциите на „Тесла“ вчера паднаа за околу два отсто, а утрово забележаа пад од дури пет отсто, тие сепак се држат над нивото во пресрет на објавувањето на договорот со „Херц“. Компанијата „Херц“ треба да купи десет илјади „С-модели“. Сепак, тие и понатаму стојат на својата изјава дека имаат договор за купување на електричните автомобили од „Тесла“.

– Остануваме на планот што го најавивме минатата недела. Испораките на автомобилите од „Тесла“ веќе започнаа. Забележавме и голема рана побарувачка за нив во нашата фирма за изнајмување – изјави Лорен Лустер, директорката за комуникации за „Херц“.

Можно е ваквата стратегија на Маск да биде средство со кое ќе изврши притисок врз „Херц“, со цел договорот да се финализира според условите што ги претпочита „Тесла“, смета технолошкиот аналитичар Ден Ајвс.

– На објавата гледаме како на еден вид покер игра со големи влогови. Веројатно во позадина се случува правна расправија помеѓу двете компании. Твитот на Маск најверојатно ќе го натера „Херц“ да го потпише договорот – смета Ајвс.

„Херц“ има многу поголем залог во оваа трансакција отколку „Тесла“. Компанијата за изнајмување автомобили летоска излезе од банкрот и планира нова почетна јавна понуда за своите акции.