Во пријатната атмосфера на клуб-ресторанот „Еквилибриум“ во скопски Аеродром, познатиот македонски музичар Благој-Блаж Маротов вчеравечер го промовираше својот нов албум „Среќа барам“. Новиот материјал беше претставен во присутво на претставници на медиумите, соработници, пријатели и колеги на Маротов и секако членовите на семејството, кое му дава безрезервна поддршка сите овие триесетина години колку што е присутен на музичката сцена.

– Станува збор за албум на кој се снимени седум нежни поп-песни, во кои провејуваат љубовта како главна тема, медитеранскиот, но и латино дух и пред сѐ духот на македонскиот шлагер и евергрин. Сето она што Маротов како музичар го изведувал и како професор по музика го има стекнато како знаење и искуство во својата богата кариера во изминативе децении, овој пат посветено го внесе во најновите мелодии. Минатата година Благој ги промовираше новите песни „Роман за нас“ и темпераментната „Бенг, бенг“, а ова лето со ист ритам ги испеа „Прекрасен ден“, „Налеј една“, „Ти си таа“ и „Еј среќо“, но направи и нова верзија на мелодијата „Не е љубов тоа“, повеќето доста слушани на скопските радија – рече новинарката Валентина Ѓоргиевска, која овојпат ја имаше улогата на промотор на албумот „Среќа барам“.

Блаж Маротов, од срце се заблагодари за помошта што ја имал во реализацијата на проектот и посака песните да го најдат својот пат до слушателите, иако некои од нив веќе и се добро познати и прифатени од публиката. Тој откри дека многу наскоро повторно ќе нѐ израдува со нешто ново, албумот „Класик М“ со обработки на познати македонски етно теми.

Музиката и текстовите на повеќето песни се на Маротов, а како автор на музика во песната „Еј среќо“ се јавува Горан Стојановски, додека некои од текстовите ги напишаа: Цане Трајчевски, Дејан Георгиевски и Георги Барбаровски. За неколку од мелодиите се снимени и интересни видеозаписи.

По официјалниот дел слушнавме и неколку од песните од новиот носач на звук во живо, а Блаж Маротов најави и неколку други промоции и гостувања во земјава со новиот материјал. М.Т.