Музичарот Благој Маротов деновиве на јавноста ѝ ја претстави својата нова авторска песна, насловена „Прекрасен ден“. Ова е убава завршница на за него многу успешна година на музички план, иако генерално за сите беше тешка и неизвесна.

– Сакав да создадам песна што ќе биде пријатна за слушање, со позитивна порака во текст, во кој верувам секој ќе се пронајде. Затоа не случајно одлучив песната првпат во етерот да биде пуште на 25 декември, по повод новогодишните и божиќните празнувања. „Прекрасен ден“ е уште еден срдечен музички поздрав од мене до мојата публика со добра мисла и искрени желби. Наедно тоа е знак на благодарност за големата поддршка оваа година, како на македонската публика, така и на хрватската заедница во Македонија, од која имав голема поддршка во реализацијата на моите хитови „Роман за нас“ и „Бенг бенг“ – вели Маротов.

Познатиот музичар оваа година што изминува во своето студио сними неколку успешни преработки на македонски етнопесни во стилот на вечната класика, потоа ја претстави мелодијата „Роман за нас“, со која требаше да настапи на Сплитскиот фестивал. Ја промовираше на 29 јули, на денот кога на Балканот се одбележуваше споменот на легендата Оливер Драгоевиќ, а на Илинден во Крушево, направи необична и интересна промоција на македонската песна во латиностил „Бенг бенг“.