Познатиот македонски инструменталист, автор и изведувач Благој Маротов деновиве сними нова верзија на својата позната композиција „Не е љубов тоа“. Песната, за која текстот го напиша Георги Барбаровски, звучи многу посвежо со новиот аранжман и продукција. Исто така, неодамна Маротов почна да работи на циклус обработки на македонски изворни песни, под наслов „Класика-М“.

– „Класика-М“ е мое музичко милениче. Работам внимателно и посветено на секој тон и стих, а станува збор за познати песни. Овој пат тие се во поинаква аранжманска изведба, помодерен стил, со понагласен звук, за што придонесува бас-гитарата фретлес (за музички упатените, тоа е бас-гитара без прагови, што ги разделува полиња), којa бара поголемо искуство при изведбата. Особено внимавав на вокалната интерпретација – вели Маротов.

Првата обработка што ја направи е за народната песна „Садила Јана“, испеана од легендата на македонската народна песна Никола Бадев, а втората – на песната „Давај ме мила мамо“, со малку изменет текст, адаптиран за машка верзија, за која исто така е снимен и видеозапис.