Оваа есен Благоја Ристевски ќе наполни 64 години и ќе оди во заслужена пензија. А целиот свој работен век го помина како продавач и доставувач на весници и списанија, во последно време само „Нова Македонија“.
Неговиот ден почнува рано, за да однесе навреме дневен печат на одредени адреси (амбасади, министерства, фирми…), а и навечер, веднаш откако ќе биде отпечатен новиот број на весникот, од 19 до 21 часот, разнесува и продава весници на крстосницата кај слаткарницата „Крин“, во центарот на Скопје.
Секојдневно поминува по четириесетина километри на велосипедот, кој, како што вели, уште добро го служи. Вози во секакви услови, и на плус 40 и на минус 20 степени, и се труди секогаш навреме да ги заврши своите обврски.
– Во златните денови сум продавал и по 550 весници на ден, како и разни списанија, и добро сум заработувал. Но времињата се сменија, весници и списанија има сѐ помалку, а и мене ме стигнаа годините. Сега разнесувам само примероци на „Нова Македонија“, првиот и најстар весник во земјава. Додека можам ќе работам и ќе се трудам да бидам точен и исполнителен како и досега и со она што го правам да придонесам весникот што повеќе да се чита – вели Благоја Ристевски. М.Т.