Шеесет и пет години рокенрол и 50 години „Вудсток“

Кога се разгледува и анализира значењето на рокенрол-музиката воопшто, не може а да не се споменат нејзините релации со хипи-движењето и бит-генерацијата, како негова претходница. Најпрвин една мала предисторија за битниците. Во традиционално студентскиот крај на левиот брег на реката Сена, во Париз, по Втората светска војна се разви уметничко-боемска поткултурна сцена инспирирана од егзистенционалистичка филозофија, надреализам и психоанализа. За кратко прерасна во целосна поткултура. Негови автори беа една книжевна и филозофска група интелектуалци. Иако егзистенционализмот има долга традиција и посебно место во европската филозофија, сепак во срцето на Париз никна една боемска поткултура чие средиште беше околу булеварот Сен Мишел, во кафе-барот „Де Маго“. Предводници на оваа група беа Жан Пол Сартр и Симон де Бовоар. Нејзини членови беа и Пикасо, Кокто, Пети, Греко и други. Нивниот егзистенционализам стана пример за стил на живот за студентите и боемите.

Приврзаниците на оваа филозофија и на таквиот стил на живот во Америка ги нарекуваа боеми. Движењето беше авангардно. Во неговата основа беа индивидуализмот и хуманизмот. На нив испреплетени се надоврзуваа: мистицизам со хедонизам; пацифизам со анархизам; шансона со џез; и исток со запад. Во сето ова тагата се лекуваше со алкохол и прегратки. Старите форми им отстапуваа место на новите. Слободата се освојуваше, рамките стануваа тесни, оградите повторно се рушеа… Со текот на времето припадниците на ова боемско движење ќе бидат нарекувани бит-генерација, чии основни карактеристики се спонтаност, природност и креативност. Толку за потеклото.

А сега, пред да се напише што било друго на оваа тема, најпрвин за поимот „бит“. Овој збор потекнува од стариот сленг на уличните изведувачи. Бит-движењето изобилува со легенди. Една од нив е и легендата дека Керуак и Гинзберг овој израз го чуле од Херберт Хенки, уличен измамник, хомосексуалец и наркоман, кој на „Тајмс сквер“ се појави негде во 1939 г. Инаку, изразот бит нема никаква врска со музиката, туку означува состојба на поразеност, беспарица, исцрпеност и беда на очајник на дно на општествената скала. Во светот на забавата, зборот бит е променет во битник, збор што во 1958 г. го изуми Херб Каен, колумнист на „Сан Франциско хроникл“, кој сакајќи да направи аналогија со „Спутник“, прашал: Што имаат заедничко битник и Спутник? Рекол дека и двата се далеку од овој свет (Спутник е лансиран во вселената еден месец по објавувањето на култниот роман „На патот“ од страна на Џек Керуак. А знаеме, тој роман е тажна приказна за осаменоста, несигурноста и неуспехот.)
Подоцна Ален Гинзберг додава дека бит е и барање излез од тешка состојба, ненаспан, со широко отворен очи, со осетлива перцепција, на своја рака, полн со улична мудрост… Од овој поим, Џек Керуак го создава поимот бит-генерација, за која вели дека е генерација созреана по Втората светска војна и Корејската војна. Тоа е генерација чии членови се здружиле за притисок и попуштање на општествените и сексуалните тензии и заговарале мистично поврзување и разочарани од грозотиите на Студената војна. Добро, сега ќе се обидам да демистифицирам, најмногу за младите генерации вљубени во рок-музиката, кои се битниците, кога се појавија, од каде никнаа и, секако, кои и какви се нивната есенција и мисија. Како и многу други боеми, и тие развија една радикална критика на сѐ што според нивното мислење не чини во западното општество.

Бит-поетите се појавија на американската сцена како што кажа самиот Ален Гинзберг, во време кога дојде до големо опаѓање на чувствителноста, сензорното искуство и конечниот механички хаос на менталитетот, кој доведе до Студената војна и до геноцидната и екоцидната војна во Индокина.

Беше тоа почеток на големото намалување на чувствителноста, раздвижувањето на духот од срцето, отсечувањето на главата од телото, роботизација на менталитетот. Сето ова ги доведе харвардските и колумбиските интелектуалци и набедените реалистични зрели академици да водат кибернетска војна во стилот на 1984 година. Тоа беше време на морален пад на западното општество, кога се напуштија принципите и вредностите, а се оправдуваа неправедните војни во Алжир, Индокина, Африка… Од денешна перспектива, ни личи на лудило, морална декаденција, биолошка суровост и државен и општествен криминал. Но токму битниците создадоа во тоа време одглас на поинаква свест – планетарна еколошка свест. Бит-луѓето сфатија дека се работи за дистанцирање на нивните мисли од тогашното јавно мислење и ставовите на државниот естаблишмент.

Свртување кон една повисока политичка свест дојде дури подоцна, во текот на 1960-тите, со појава на доволно свесни луѓе истомисленици, подготвени да се обединат во една политичка и ангажирана група и, секако, со настанокот на битлс-армијата – цела генерација долгокоси американски момчиња и девојки, кои итаа кон освојување на слободата во секоја смисла на овој поим.

Сотир Костов