Шеесет и пет години рокенрол и 50 години „Вудсток“

Тоа се Вилијам Бероуз (1914 – 1997), Лоренс Ферлингети (1919), Гери Снајдер (1930), Боб Кауфман (1926 – 1986) и Грегори Корсо (1930 – 2001). Од нив Вилијам Бароуз дефинитивно е најексцентричниот битник. Изјавуваше: „Во САД мораш да бидеш или девијантен или да умреш од досада“. Тој е книжевен гениј, визионер, психопат, наркоман, женомрзец и убиец. Имаше харизма што привлекува, модерен и контроверзен стил на живот, од кој се инспирираа не само неговите книжевни следбеници, туку и припадниците на интернационалната филмска и музичка сцена. Еден е од првите заговорници на хомосексуалните слободи, писател со кошмарни визии и силни критики на американскиот правен систем. Познат е како писателот што ја уби сопствената сопруга. Како голем ексцентрик, уште поголем отпадник и предводник на антихероите од тоа време.

Посебно беа изразени деструктивната и автодеструктивната црта на неговиот карактер, што можеше да се види од неговите книжевни дела и уметничките слики што ги црташе. Тој и таков Бероуз, изврши големо влијание на поп-културата и имаше големо влијание на голем број музички икони. Познати се неговите дружења со Мик Џегер, Дејвид Боуви, Френк Запа, Енди Ворхол, Курт Кобејн и Боб Дилан. Неговото дело „Гол ручек“ е познато по контроверзната содржина и вулгарниот јазикот на кој е напишано. Овој роман има култен статус кај широката американска публика, најмногу помеѓу нелинеарната техника на пишување, односно, користењето на техниката „кат ап“. Тоа е еден вид сечење на дел од текстот и негово повторно лепење, така што се создаваат нови реченици и нова целина, што е еден вид литерарен колаж.

Следен во тоа друштво е Лоренс Ферлингети. Тој е дете сираче, скитник, морнар, боем, поет на улицата. Доктор на науки од „Сорбона“, следбеник на Бодлер, Томас Вулф и Чарли Чаплин. Од источниот брег на САД дојде во Сан Франциско и преку својата издавачка куќа и книжарница „Сити лајтс“, ѝ даде жестока поткрепа на издавачката дејност објавувајќи го епохалното дело „Завивање“ на Гинсберг, а подоцна и на големиот број дела на бит-генерацијата. Во 1950-тите и 1960-тите, Ферлингети им го даде најдоброто од хип-хуморот и општествениот ангажман на младите и возрасните низ Америка и Европа, читајќи ја својата поезија. Неговата неуморна работа како поет и издавач претставуваше голема поддршка за сите идни писатели на американскиот алтернативен книжевен гениј.

Гери Снајдер, пак, знаеше да каже дека секој што навистина ќе ја сфати суштинската есенција на едно време и место, всушност ги променил работите. Роден е во Сан Франциско, а растен на пацифичкиот брег на Вашингтон и Орегон. Дипломирал на колеџот „Рид“ во 1951 година. Долго време работел во шума, бил страстен планинар и многу сакал да кампува. Од 1956 до 1968 живее во Јапонија каде што ги изучувал зен-будизмот, градинарството и собирањето школки. Тој е еден од најбитните претставници на поткултурата на револтот во 1960-тите во САД. Стекнал богато познавање на културата на американските Индијанци. Имал став дека создавањето на уметноста е политички чин. Позната е неговата мисла: „Да не се признае една стварност, а да се создаде друга стварност, значи да се направат политички промени“.

Боб Кауфман беше бит-поет, будист од мешовито германско-еврејско потекло. Имаше брилијантен дух, кој му овозможуваше да ги разбие сите тајни и цаки, како на стрејт, така и на хип-светот. И тој бил морнар и често патувал од Њујорк до Сан Франциско. Бил голем вљубеник во џез-музиката. Претставник на бит-генерацијата, чие чувство за време секогаш било совршено. Има напишано повеќе суптилни песни за животот исполнет со дрога, затвор и нервни растројства. До крајот на својот живот останал опскурна и мистериозна фигура држејќи се понастрана и подалеку од стрејт-настаните во општеството. Филозофски изјавуваше дека сосема е во ред да фрлиш камен прв, доколку имаш уште неколку во џебот.

Последен од оваа бит-дружина е Грегори Корсо. Уличар од Њујорк и најмлад затвореник во државниот затвор во Денмор. Во затворот од еден мудар старец стекнал филозофско сознание во смисла: „Синко немој да му робуваш на времето, тоа нека биде твој роб“. Ја проучувал историјата на стара Грција и класиците на англискиот и францускиот романтизам. За својот живот беше голем надреалистички поет – еден вид ангел што пишува. Неговиот книжевен гениј создаде поезија, која струи помеѓу древниот вавилонски еп за Гилгамеш, сонувањата на Шели пред застрашувачкото лице на природата. Со својот типично италијански фазон на улично талкање и битисување, тој трагаше кон вистинските, вонвременски вредности, сакајќи да ги оправда своите каприци на улиците, кои беа гладни за љубов, под застрашувачката сенка на атомската бомба. И покрај сите мизерии и неправди во животот за него сѐ беше поезија.

Мора да се каже дека една од големите вредности, која ги одликуваше овие битници, а и целата нивна генерацијата, е другарството.Бит-генерацијата актуализираше една тема. Темата на осамен човек лишен од илузијата дека стои во мрачна полноќ на своето постоење. Нивна најголема заслуга е во тоа што во време на духовниот мрак во кој се најде тогашното западно општество, го свртеа вниманието на човештвото на еден извор на надеж на исцрпениот свет – човековото срце што неуморно бие за љубов, слобода, заедништво и мир.

Сотир Костов