Децении по нејзиното распаѓање, членовите на групата „Битлси“ сè уште заработуваат многу пари. Компанијата формирана од преживеаните членови на легендарниот бенд остварила приход од над 50 милиони фунти (90 милиони долари) минатата година, пренесува британски „Дејли мирор“.
Годишните банкарски сметки на „Епл корпс лимитид“ покажаа промет од 50.244.899 фунти за 12 месеци заклучно со јануари, што е еквивалентно на 137.657 фунти (ГБП) на ден, и покрај тоа што членовите на легендарната група тргнаа по одделни патишта пред повеќе од 50 години.
Според весникот „Дејли мирор“, преживеаните членови, сер Пол Макартни и сер Ринго Стар, заедно со вдовицата на Џон Ленон, Јоко Оно, и вдовицата на Џорџ Харисон, Оливија, добиле по 6,1 милиони фунти.
Во оваа сума влегуваат 1.417.000 фунти како дивиденда и 4.719.500 фунти во врска со обезбедување промотивни услуги и права на име. Бројките на „Епл корпс“ исто така покажаа дека тие оствариле добивка пред даночењето од 8.606.191 фунта.