Откако бискупот Антониот Стаљано ги вознемирил младите верници на неодамнешната миса, говорејќи дека Дедо Мраз не постои, дон Алесандро Паолино од епархијата Ното им се извинил во име на бискупот, изразувајќи жалење поради изјавата „што предизвикала разочарување кај децата“.
– Не смееме да им ја уништуваме фантазијата на децата, туку кај нив треба да поттикнуваме добри намери. Значи, Дедо Мраз претставува слика на давање, великодушност и споделување – рекол Алесандро.
Бискупот Антониот Стаљано изјавил дека Дедо Мраз не постои за време на фестивал што традиционално се одржува на Сицилија, кој завршува со симболична реконструкција на доаѓањето на Свети Никола во Ното на коњ.
– Црвената боја на неговата облека ја избра „Кока кола“ во рекламни цели, за да може себеси да се прикаже како симбол на здрави вредности – додал тој.
На фестивалот, вообичаено, присуствуваат многу деца, а веднаш по неговата изјава голем број родители негодувале на социјалните мрежи. Некои го обвиниле дека „го убил Дедо Мраз“, а истовремено зборувал за синот на Богородица, зачнат до Светиот Дух, кој одел по вода“. Некои родители бискупот го споредиле со Гринч, зелен намќор од анимираниот филм што имал намера да го украде Божиќ.
Меѓутоа, бискупот Стаљано не сакал да отстапи од своите зборови. Тој навел дека сака децата да заборават на Дедо Мразот што го измисли „Кока кола“ и да се завртат кон Свети Никола.
Неговата проповед, како што рекол, е „начин да се ослободиме од популарната теологија и да ѝ се врати вистинското значење на христијанската традиција на славењето на Божиќ“.
Свети Никола, кој живеел во Турција во третиот век, инспирирал некои од традициите што денес се поврзуваат со Дедо Мраз. Легендата вели дека оставал пари на прозорците на сиромашните и анонимно им давал храна на гладните. Тоа ја инспирирало и холандската традиција на постоењето на Синтерклас, што во превод на англиски јазик станало Санта Клаус – Дедо Мраз. Во различни култури популарниот лик се прикажувал во различна облека, сѐ додека во 1930-тите години, компанијата „Кока кола“ не ги популаризирала неговата црвено-бела облека и денешниот изглед.