Кога ќе се спомене зборот егзорцизам, главно помислуваме на застрашувачките средновековни ритуали, но во Швајцарија истерувањето ѓавол од некоја личност и денес е вообичаена практика. Бискупскиот викар Кристоф Касети, кој почина на 9 февруари годинава на 76 години, бил еден од најпознатите егзорцисти во земјата. Интересно е дека за она што го правел тој самиот го користел терминот „служба за лекување и ослободување“.

Сега бискупијата во градот Хур бара нов истерувач на ѓавол. Според зборовите на претставникот за медиуми на бискупијата, местото во моментот е празно, пренесува германскиот весник „Штерн“.

По сѐ изгледа ритуалите за истерување демони во Швајцарија доживуваат своевидна ренесанса. Така, неодамна, швајцарската мрежа СФР изнесе податок дека во црквите во оваа земја годишно се прават по 1.300 обреди за истерување ѓаволи, а евангелистичкото советувалиште „Релинфо“ наведува дека бројката на овие ритуали во Швајцарија, од 2012 до 2017 година, е двојно зголемен.