Здружението на граѓани за едукација и развој на претприемаштво, спорт и култура „Биди перспективен“ денес во Скопје ќе ги претстави своите програмски активности за едукација, професионална рехабилитација и стручна доквалификација. Во фокусот им е социјалното претприемаштво преку активни програми и мерки за издигање на свеста, социјална инклузија и активно вклучување на деца и млади со посебни потреби и сите други маргинализирани групи граѓани во социјално-економскиот и културно-спортскиот живот во нашата држава.

– По повод нашата визија за подобар и поквалитетен живот на децата и младите со посебни потреби и маргинализирани групи, а за нивна инклузија во целокупниот општествено-економски живот, ние како невладина организација, изготвивме програма со конкретни активности и проекти, преку кои на овие лица ќе им се овозможи едукација, професионална рехабилитација и стручна доквалификација и стекнување вештини за самостојна работа. Ќе соработуваме со бизнис-заедницата, невладиниот сектор, институциите на државата и локалната самоуправа, за овозможување квалитетен и достоен живот за нив и за нивните семејства и иднина во која нема да има предрасуди и бариери во општественото живеење. Овие деца и млади, заедно со нивните семејства, заслужуваат безрезервно внимание и поддршка, па затоа се надеваме дека ќе ја наполниме нивната касичка за донации за остварување на нивните желби и соништа – велат од здружението.
На промотивниот настан заинтересираните ќе имаат можност да се информираат за програмата и нејзините цели, планови и можности за заедничка соработка. Настанот е со почеток во 19 часот, а ќе се одржи во ресторанот „Фирма“ (воен базен „Аеродром“).