Колекцијата „Хијоку“ на македонската модна дизајнерка Росица Мршиќ е избрана од „Биг си“ за победник во категоријата нослива уметност за 2019 година. Наградата е доделена врз основа на оцена за исклучително атрактивна конструкција, концептуална облека, одлично елаборирани бои, модели и принтови. „Биг си“ ги истражува и наградува квалитетните дизајни и производи што ги претставуваат најдобрите креативни сили на своите земји. Победниците од 18 земји на Централна и Источна Европа беа презентирани во националните павилјони во рамките на месецот на дизајн во Љубљана, кој се одржа на 8 октомври.

Македонскиот моден бренд на Росица Мршиќ оваа година обележува десет години постоење и изврши силно влијание на македонската модна сцена преку сезонските колекции на автентични парчиња облека што остануваат актуелни долг рок. Мршиќ изгради дизајнерски бренд карактеристичен по својот уметнички израз вткаен во парчињата облека, кои се препознатливи и со космополитска нишка. Таа креира парчиња што зборуваат со јазикот на естетиката – форма, боја, пропорција и текстура и, црпејќи инспирација од уметнички движења од различни периоди, им се обраќа на љубителите на модата што имаат истенчен вкус и љубопитна перцепција.

Нејзината работа е признаена и прифатена од клиенти од многу земји во светот, со понудата во концептуални бутици и на многубројни интернационални платформи. Таа е добитничка и на неколку меѓународни модни награди: континентален победник за Русија и Европа во 2013 г., еден од петте светски финалисти на меѓународните бугарски модни награди АЈРИНИ 2013, „Фустан на 21 век“ на „Мода естетикс“ од Амстердам, Холандија.