Поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, стана актерка, барем на еден ден, пишува „Јутарњи лист“.
Како што беше објавено, таа била поканета да гостува во телевизиската хумористична серија „Дар мар“, која почна да се емитува на 5 октомври на Нова ТВ. Колинда наводно веќе завршила со снимање и се снашла одлично.
Иако поранешната претседателка накратко ја потврди оваа информација за „Јутарњи лист“, поради договорот со телевизијата не смее да открива повеќе детали за нејзиното учество во серијата.
– Да, одлично се забавував на сетот и токму затоа и се согласив да учествувам во серијата – изјавила таа по снимањето.
Серијата се снима во имагинарното хрватско место Дизмово и ги следи животите на Божена, шефица на најмалата полициска станица во земјата, нејзините колеги Бранко и Жељко и пензионираниот колега Миле. Во серијата глумат: Ксенија Паиќ, Синиша Ружиќ, Милан Штрљиќ, Ана Бегиќ и други.