Библиотека во студентска населба на Универзитетот во Мичиген, САД, е затворена, но не поради пандемијата на ковид-19, туку поради закана од отровни пајаци. Универзитетските власти неодамна, за време на рутинска проверка, откриле пајаци во подрумот и во оддалечените згради на студентската населба во Ен Арбор. Станува збор за видот наречен медитерански пустиник, објави Си-би-ес њуз.
– Почна чистењето на деловите од кампусот каде што се појавија пајаците – известила портпаролката на универзитетот, Ким Брокхајзен.
Пајаците беа пронајдени во подрумскиот дел на библиотеката „Шапиро“, па затоа на сите вработени што ќе се најдат таму им се препорачуваат мерки на претпазливост: носење кошули со долги ракави, капа, ракавици и чизми.