Серија од цртани филмови, сликовници, песнички и видеоигри во кои главен лик е Биби, девојчето што зборува на литературен македонски јазик, ќе продуцира тимот на Факултети.мк и Деца.мк, кои го создадоа овој лик со кој ќе се идентификуваат нашите деца. Во серијалот „Бибиленд“ учествуваат илустраторот Михајло Димитриевски (Д Мичо), режисерот Гоце Цветановски, драматургот Билјана Црвенковска и актерката Слаѓана Вујошевиќ, која го позајми гласот за Биби.

– Од наредната недела очекувајте ги првите изненадувања од Биби. Таа е мало девојче што зборува литературно. Таа не вели точак, туку велосипед. Најмногу се нервира кога ќе ѝ кажат дека има плави очи. Зашто таа има сини! И сака сите деца да го научат македонскиот литературен јазик. Со помош на сликовници, книги и едукативни видеа ќе им помогне во тоа. Биби умее убаво да зборува и да објаснува, па може да им помага на другите деца во учењето. Таа е експерт за објаснување математика, физика. Омилена книга ѝ е детската енциклопедија, која од збор до збор ќе им ја раскажува на сите деца – велат од тимот.